Skip to main content

Службата за спасување на планина изведе уште една успешна интервенција

Во струшко спасија  лице кое се изгубило на планина.Сите несреќи на планина досега биле од субјективна природа, луѓето ги  потценуваат условите кои владеат во моментот, нагласуваат спасителите.

 |  Валентина Неловска  | 

Планинската Спасителна Служба спаси маж кој се изгубил на планина во струшко. Антонио Додевски,раководител на Планинска Спасителна Служба, кажува дека и најбанални причини може да доведат до сериозни последици кои може да завршат фатално. Имавме лице кое само се движело, дезориентирано, дехидрирано, со 5 проценти полна батерија на мобилниот телефон . Среќа, преку нашиот систем за лоцирање го пронајдовме, брзо делувавме и го евакуиравме, вели Додески. Потсетува како посетителите да се однесуваат на планина.

„Луѓето да ги почитуваат основните начела за безбедност, движење во групи најмалку 2 лица, носење мобилни телефони со полни батерии, соодветна опрема за условите кои владеат, доволни количини храна и посебно течности во летниот период кога има загуба на течности да не останат без резерви, а планираното време на планина не е секогаш остварливо. Секогаш може да се случат непланирани ситуации и мора да имаат дополнителни количини течности“.

Секоја несреќа која се случува на планина е од субјективни причини на луѓето, а со тоа се поврзани и најголемиот број на интервенции. Ретко се случува да се интервенира од објективна природа од гром или некое непредвидено изненадување, досега нема такви интервенции, вели Додески. Од почетокот на годинава Планинската Спасителна Служба имала 8 успешни интервенции. Се бројат само интервенциите на планина, а обезбедуваме културни и спортски настани,вели Додевски.Спасителите се изненадени од бројот на интервенции во кои учествувале досега.

„ Годинава не очекувавме голем број. Секогаш природата на интервенциите е поврзана со туризмот и со посетата на странци на нашиот град. Годинава заради пандемијата очекувавме намален број на интервенции, но се случи спротивното. Се случи поголема активност на домашните туристи и посети на планините и на отворен простор, а со тоа се зголеми и бројот на несреќи“.


Додевски апелира граѓаните да бидат претпазливи и грижливо да се однесуваат кога планинарат. Советува соодветната опрема мора да е комплетна и секогаш при рака без разлика дали турата ќе трае 2 часа , 15 часа или два дена. Тимот за спасување на планина во изминативе 18 год имал многубројни интервенции, скоро троцифрен број,а минатата година имале 11 спасителни акции.