Студиото МПМ дизајн за изработка на витраж одбележува 25 години успешна работа
Архитектот Митко Поповски е автор на голем број уметнички предмети од витраж кои ги красат домовите, но се дел и од големи архитектонски градби во земјава. Издржавме 25 години исполнети со макотрпна работа, со амбиција и ентуизијазам без разлика на променливите времиња, напоменува Поповски за досегашната работа на специјализираното студио.
Охридското специјализирано студио за изработка на витраж МПМ дизајн одбележува 25 години јубилеј. Студиото го раководи aрхитект, Митко Поповски, автор на голем број уметнички дела изработени во техниката витраж. Сите овие изминати години, сме ги издржале со макотрпна работа, со амбиција и ентузијазам без разлика на променливоста на времињата. Секогаш имало тешки времиња посебно за уметноста. Но, и во најтешките времиња уметноста успеала да преживее затоа што е тоа емоционална состојба на оние кои се занимаваат со таа работа, вели Поповски.
„Многу е битно за оној што создава уметност да ја има сопствената сатисфакација. Тој порив и сатисфакцијата доаѓаат со годините работа и со еволуирање во самата работа. Јас лично, за мене и моето студио, сум пресреќен што сум ја имал таа можност да се занимавам со оваа работа. Витражот како медиум е применета уметност, која покрај својата функција има и естетска вредност што е тесно поврзано“.
Во овие 25 години студиото МПМ дизајн има огромно искуство и многу успешни проекти. Имаат постојана изложба на уметнички предмети во домовите на оние што нарачувале витражи, но има и витражи кои се дел од значајни архитектонски градби во земјава. Имавме среќа да изработиме неколку големи проекти кои беа предизвик за нас, кажува Поповски.
„Предизвикувачки од аспект дека секој би посакал во светот да има таква работа. Ја направивме куполата во Музејот на Македонската борба , 110 м2 витраж, купола со дијаметар од 12 метри. Исто така, во Македонскиот народен театар наши се сите витражи, околу 35 м2, зборувам за дизјан и изработка, ние целосно настапуваме како МПМ специјализирано студио за изработка на витражи. Во црквата Св. Троица, во Радовиш, изработивме 70 м2 витраж со наш дизајн, изведба и монтажа“.
Митко Поповски, своето знаење и вештини во овој занает несебично ги пренесол и на голем број луѓе кои сакале да ја учат оваа техника. Одржувал приватни курсеви за луѓе кои сакале да се занимаваат професионално или од хоби со оваа работа. Пред неколу години, студиото МПМ дизајн обучило и 10 тина луѓе за изучување на овој занает преку Агенцијата за вработувањ,е со проект за зачувување на старите занаети.
По стапките на Митко Поповски чекорат и двајцата негови синови, идни архитекти, Александар и Владимир Поповски.