Skip to main content

Жители на Абас Емин револтирани заради чести прекини во водоснабдувањето

Се почесто без вода за пиење остануваат жителите кои живеат на краците кои се сечат со улицата Абас Емин. Се случуваат дефекти заради стариот цевковод на водоводната линија, информираат од ЈП Водовод. Тие ги санираат дефектите кои му се јавуваат на изведувачот кој работи на реконструкција на улицата Абас Емин. Апелираат граѓаните да бидат трпеливи бидејќи нивните екипи се ангажираат да ги поправат настанатите дефекти.

 |  Валентина Неловска  | 

Чести прекини во водоснабдувањето од градската мрежа ги револтира граѓаните кои живеат на краци од улицата Абас Емин. Граѓаните од улиците Дејан Војвода и Македонски Просветители од 23 септември до денес многу пати во текот на денот остануваат без вода за пиење. Не можат да функционираат нормално ниту вработените во продавниците и други правни субјекти.Со недостаток од вода се соочува и Територијалната противпожарна единица чии возила се полнат со вода од ЈО Нискоградба. Светозар Стефановиќ , директор на ЈП Водовод појаснува кои се причините за појавата на честите дефекти во водоснабдувањето. За преприклучување на новата линија која се поставува на улицата Абас Емин мора да се запре водата при што доаѓа до несакани проблеми, вели Стефановиќ.

„Со самото запирање на системот бидејќи цевководите се стари доаѓа до технички проблем стварање на т.н. технички меур кој со пуштање на водата каде што се слаби цевките доаѓа до дефект. Денес, во близина на пожарна каде што работиме, има дефект бидејќи линијата е стара повеќе од 50 години и е стара азбестно цемента цевка која во иднина со договор на Фондот за комунален развој од Локалната самоуправа ќе направиме напори да ја промениме. Тука често ни се случуваат дефекти, а е во централното градско подрачје“.

Стефановиќ напоменува дека додека трае реконструкцијата на улицата Абас Емин можно е да се јавуваат често вакви дефекти. За сите улици каде што сме во можност ќе ги промениме цевките. Тоа е нешто што е надвор од нашиот домен и во моменов се работи на подобрување на водоводниот систем за улицата Абас Емин. Се што е во наша можност работиме што побрзо да се одстрануваат дефектите и да им излеземе во пресрет на граѓаните да добијат вода. ЈП Водовод не е виновно затоа апелира граѓаните да имаат трпение.

„Не е во зависност од нас туку при реконструкцијата на ул Абас Емин доколку изведувачот што ги прави градежните работи ако направи повреда на водоводниот систем од невнимание или од друга природа ние веднаш излегуваме на терен и го санираме дефектот“.

Директорот Стефановиќ додава дека не можат да претпостават дали ќе имаат слични проблеми и на другите краци од улиците кои ја сечат Абас Емин. Водоводниот систем е изграден од различни цевководи, цевките се азбестно цементни и се многу осетливи и лесно реагираат на воздушниот меур. Стефановиќ се надева дека нема да има слични проблеми на горниот дел од улицата која е во реконструкција со краците од улиците Бекир Али Риза или Охридска Бригада.