Skip to main content

Општината очекува помош од држвата за да продолжи со одстранување на бесправно изградените објекти на плажите и крајбрежјето

Општината не е финансиски  моќна сама да го продолжи започнатиот процес на имплементацијата на препораките на Унеско. По добивањето на 6-те милиони денари  финансиските средства од државата и изборот на фирма за рушење ќе се почне со одстранување на објектите кои се во езерските води.

 |  Валентина Неловска  | 

Општината очекува финансиска помош од државата за да продолжи одстранување на бесправно изградените објекти на плажите и крајбрежјето. Очекува на сметка да легнат 6 милиони денари бидејќи општината не е финансиски моќна да го продолжи започнатиот процес на имплементацијата на препораките на УНЕСКО. Ќе бидат одстранети објекти на 4 плажи кои не се во опфатот на ГУП и одстранувањето на нелегалните објекти на потегот кон Св. Стефан, информира градоначалникот Константин Георгиески. Градоначалникот кажува дека овие активности досега биле стопирани затоа што општината немала доволно сопствени средства. Станува збор за скап процес, но веднаш по добивање на средствата од државата ќе распише итна постапка за избор на фирма која ќе го продолжи започнатите активности.Сегашните корисници на концесиите на плажите мора да го вратат земјиштето во првобитна состојба. Прво ќе се почне од објектите на крајбрежјето и плажите кои се наоѓаат во езерските води, кажува Георгиески.

„Знам дека дел од тие објекти се убави и репрезентативни и е навистина штета што треба да се одстранат. Земјиштето треба да се врати во првобитна состојба, но едноставно не постои правна рамка како ние да ги легализираме тие објекти и потоа да го издаваме земјиштето под закуп на друг сопственик кога објектот не е наш“.

Во општината во тек е тендерска постапка за изработка на урбанистичка документација за плажи, напоменува Георгиески. Се надева дека ќе биде завршена постапката до јануари идната година. Во февруари или март ќе се распише нов повик за издавање на плажите под концесија и конечно да заврши целата таа проблематична ситуација со плажите. Потребно е да се направи стратешка евалуација согласно планот за управување, стратешка еваулација на влијание  врз животната средина на тие објекти за да се одреди кои објекти ќе бидат предмет на одстранување. Кои објекти може, а кои не можат да се вклопат во наредните Урбанистички планови. Општината може да издава под концесија земјиште кое што е нејзина сопственост, но без објекти. Ние не може да издаваме земјиште со товар, вели Константин Георгиески.

„Плажи ќе бидат предвидени само таму каде што има парцели кои што граничат со 1.1 со Охридско Езеро. Тие плажи кои во минатото биле издавани со концесиски договори, а се на парцела 1.1 ќе бидат предмет на одстранување  и во иднина нема да има објекти на плажите“.

Во врска со препораките од Комисијата за заштита на културното и природно наследство за општините Охрид и Струга да продолжат со мораториумот за градба, Градоначалникот напоменува дека треба да се направи динстикција што значи мораториум и за каде тој би важел. Георгиески посочува дека се изработува урбанистичка документација за делови од крајбрежјето каде што има предвидено постоење објекти. Самиот изглед и начинот на стопанисување на тој дел е строго дефиниран во планот за управување и ние строго ќе се држиме до него. Не гледам причина понатака да бидат стопирани легализаициите или издавањето одобренија за градба на објектите кои се усогласени со планот за управување, кажа Градоначалникот.