Skip to main content

Од Охридски комуналец бараат поголема соработка со надлежните институции во справување со несовесните граѓани кои создаваат мини диви депонии

На социјалните мрежи деновиве осамнаа фотографии од лице кое одлага шут на патот кон Велестово според кои може истото да се идентификува. Истите слики пристигнале и кај Охридски комуналец од каде ги доставиле до општинскиот инспекторат и СВР. Сега се очекува надлежните да поведат прекршочна постапка против познат сторител. Но, од општина велат дека до инспекторатот немало пријава за овој случај.

 |  Валентина Неловска  | 

На потегот кон Велестово е фотографиран граѓанин како од возилото вади отпад и го остава покрај патот. Случајниот минувач кој го регитрирал несовесното однесување ги објавил фотографиите на социјалната мрежа фејсбук на кои се гледаат регистарските таблички на возилото. Отпадот од локацијата уште истиот ден го подигнале од еколошкото здружение Еко Фап. Од ЈП Охридки Комуналец велат дека сликите за овој случај пристигнале и до нив и ги доставиле до Општинскиот комунален инспекторат.
Портпаролот на локалната, пак, за овој случај негира дека до општинските служби пристигнала пријава од Комуналец. Кажува дека комуналните редари не можат да преземаат дејствие против правни и физички лица ако нема соодветна пријава.

„Нашиве комунални редари не се инспектори на СВР. Некој кај нас треба да пријави, да посочи и потоа ќе има координација со СВР и Охридски комуналец. Она што е одложено на несоодветно место н.п. градежен шут, ќе напишат записник до Охридски комуналец. Ако има официјално обраќање до нас се разбира, веројатно ќе следат соодветни пријави односно прекршочни пријави. Не дека тие не работат, но не можат да постапат ако нема пријава“.

 
Делови од покуќнина, шут од градежен материјал постојано се одложуваат покрај контејнери, но и на локации во рамките на националнито парк Галичица,информира Стевчо Маслов од ЈП Охридски комуналец.  

„Да. Имаме затекнато лица и на нашата веб страница пристигаат информации и слики на кои се затекнати лица како фрлаат отпад на одредени точки на територија на Охрид“.

Кај Горна Порта е поставен видео надзор за да се спречи одлагањето на градежен шут и кабаст отпад од страна на несовесни граѓани. На оваа локација ваков проблем се провлекува со години наназад. Имаме секојдневно подигање на несоодветно депониран отпад покрај контејнерите, а другиот ден сликата е иста, вели Стевчо Маслов од ЈП Охридски Комуналец. Видео камерата е поставена пред еден месец.

„Сакаме да видиме каков ефект ќе има. Известена е полицијата, поврзана е камерата, нашите служби ја следат ситуацијата кои мерки ќе се преземат од страна на комуналните редари и од СВР Охрид.“, вели Маслов.

Од ЈП Охридски комуналец бараат поголема соработка со комуналните редари и СВР Охрид во справувањето со несовесните граѓани кои одлагаат несоодветен отпад на локации и покрај контејнери. За да им помогнат во постапувањето на инспекторите покрај контејнерите поставиле информативни табли за граѓаните да знаат што можат,а што не да одлагаат во садовите и дека во спротивно прекршуваат одредби од Законот за јавна чистота.