Се номинираат Охридско Езеро и Стиденчишко блато за место во Светската Рамсар Листа
Со номинацијата се поддржува прекуграничната соработка за заштита на природата со Албанија и развој на еко туризмот и локалната економија. Министерството за надворешни работи и Министерство за животна средина и просторно планирање заедно треба да работат и да ја достават апликацијата до крајот на оваа година.
Владата даде зелено светло за апликацијата за номинирање на Охридско Езеро и Студенчишкото блато за место во Светската Рамсар Листа. Министерство за надворешни работи во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање ќе треба да отпочнат постапка за да достават апликација за номинирање на Охридско Eзеро до Секретаријатот на Рамсарската конвенција. Влатко Трпевски, раководител на секторот за природа при Министерството за животна средина и просторно планирање, за ТВМ изјави какво е значењето за Охридското Езеро ако се најде на Рамсар листата заштитени подрачја.
„Впишувањето на Рамсар листата на Охридското езеро и Студенчишкото Блато води кон поттикнување на научно истражување и меѓународна соработка за одржување на еколошкиот карактер на поддрчјето. Се отвора можност за форсирање и подобар публицитет и зајакнување на еко туризмот во регионот“.
Со номирањето на Охридското Езеро на Рамсар Листата ќе се овозоможи унапредување и заштита на природните богатства, но Трпевски напоменува дека Македонија ќе ги имплементира потпишаните Конвенции кои ги ратификувала.
„Ќе има придонес кон поттикнување на целите од конвенциите за биолошка разновидност, но исто така ќе постигнеме прогрес во имплементација на Стратегиите за заштита на природата и Националната стратегија за биолошки развој и ЕУ директивите кои се обрзувачки за нашата држава. Со номинацијата ќе се поддржи прекуграничната соработка во делот на заштитата на природата со Албанија и развој на еко туризмот и локалната економија“.
Република Македонија ја ратификувала Рамсарската конвенција во 1977 г. Од Македонија на оваа листа на заштитени подрачја се наоѓаат две наши езера, Преспанското и Дојранското. На Светската Рамсар листа се пријавени 2400 подрачја од меѓународна важност. Од МЖСПП упатуваат благодарност за поднесената граѓанска иницијатива од Охрид СОС и Фронт 21/42.