Во моментов 111 пациенти се болнички згрижени од ковид 19 во охридската општа болница
Од нив 20 тина се со потешка клиничка слика. На кислородна поддршка се 40 пациенти, а дневно се трошат и по 50 боци кислород.
Во Општа болница Охрид се лекуваат 111 пациенти од ковид 19 во моментов, информира директорот на болницата д-р Горан Балески. Во болницата има 5-6 слободни кревети во зависност од бројката на отпуштени и излекувани пациенти во текот на денот. Луѓето кои се лекуваат во општа болница се на возраст од 35 до 90 години. Имаме 40 паценти кои се на кислородна поддршка, а 20 тина пациенти се со потешка клиничка слика.
„Сепак 111 паценти да примите не е лесно лекувањето. Во саботата имавме потрошувачка од 50 боци кислород. За еден ден, во текот на 24 часа беа потрошени по 40 литри на сто бари кислород.“
Директорот Балески напоменува дека се трудат да ги згрижат сите пациенти кои имаат потреба од болничко лекување. Се случувало во текот на денот да имаат голем наплив на пациенти, кои со упати од матичните лекари, требало да направат лабораториски анализи или рентген снимки.
„Во некои денови имаме и по 200 упати од матичните лекари на ден што е огромен број. Се справуваме со сите сили по сите протоколи да ги лекуваме луѓето. Матичните знаат да ни пуштат преку 100 пациенти на инфективно одделение и 100 на интерно одделение со температура, некои сомнителни случаи на ковид и тоа не е мала бројка на пациенти“.
Болницата да функционира во овие услови на ковид 19 не е едноставно, но максимално се трудиме во функција да бидат и останатите оддели каде што се лекуваат и други пациенти како што се гинекологија, урологија, уво, нос и грло, хирургија за итните случаи. Во лекувањето на пациентите од ковид 19 се вклучени сите лекарите, а акцентот е ставен на интернистите, инфектолозиите и специјализантите кои се вратија на работа, информира Д-р Горан Балески директор на ЈЗУ Општа Болница Охрид.