Бочварски: Државата ќе ја презема обврската да ги реши проблемите на Охридското крајбрежје
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски оствари прва официјална посета на општина Охрид. Со охридскиот градоначалник ги разгледаат потребите и проблемите на општината кои се во надлежност на министерството. Во урбанистичката сфера е најавена помош од државата при изработка на Урбанистички планови за крајбрежјето и за рехабилитација на патниот правец кон Св.Наум.
Благој Бочвaрски, министерот за транспорт и врски оствари прва официјална посета на општина Охрид. На работната посета градоначалникот Константин Георгиески го запозна министерот со тековните активности на проекти кои општината ги реализира во патната инфраструктура, но и за проблемите на општината од сферата на урбанизмот.
„Поразговаравме со Министерот околу потребите на нови урбанистички планови каде што има надлежност министерството. Тие планови кои се во надлежност на општината да ги усогласуваме со министервстото и постапките да се побрзи. Поразговаравме и за имплементација на Планот за управување со Унеско и некои делови од планот кои треба да се корегираат во иднина“.
Министерот Бочварски најави дека државата од 2021 ја презема обврската да ги реши проблемите на Охридското крајбрежје со дивите плажи. Сите плажи кои се надвор од Генералниот план ќе бидат етапно урбанизирани. Тоа значи дека државата нема да ги преземе дивите плажи на крајбрежјето туку општината ќе управува со нив и понатака. Ние ќе помогнеме општината да продолжи со приоритетите, но да нема навлегување на објекти во езерото.
„Ние само ќе влеземе во урбанизација ќе ги решиме сите проблеми, а урбанизацијата значи дека сите нелегални објекти според новите урбанистички планови ќе треба да бидат одстранети од Охридското крајбрежје“.
Покрај урбанизмот биле разгледувани и тековните активности кои општината ги реализира со помош на државата во подобрување на патната инфраструктура. Министерот Бочварски и охридскиот градоначалник Георгиески разговарале и за потребата од рехабилитација на патниот правец кон Св. Наум за оваа делница да влезе во програмата на ЈП за Државни патишта за да може регионот подобро да функционира.