Skip to main content

Не работи компјутерскиот томограф во Општа болница Охрид

Прегорел резервен дел поради големата преоптовареност на одделот за рендген дијагностика. Станува збор за скап резервен дел кој не се знае кога ќе биде набавен, а во меѓувреме итните пациенти ќе бидат носени на снимање на томографот во Струшката општа болница.

 |  Валентина Неловска  | 

Не работи единствениот компјутерски томограф во Општа болница Охрид. Прегорен е резервен дел заради големата преоптовареност на одделот за рендген дијагностика. Од почетокот на годинава и во изминативе 10 месеци од пандемијата со Ковид 19 биле снимени седумнаесет илјади паценти од Охрид и регионов, вклучувајќи и пациенти од битолската болница, информира директорот Горан Балевски.

„Потрошниот материјал престана да работи и ќе треба да се набави нова цевка. Целиот овој период томографскиот апарат беше единствениот апарат кој ги покриваше сите пациенти од ковид и од Струга, со компјутерска и рендген снимка. Се расипа томографот во Костозглобна па целиот летен период снимките за повредите и сообраќајките поминуваа преку општа болница. Охридската болница беше регионален центар за 6-7 градови, Кичево, Ресен, Дебар. Дојде до прегорување на цевката и компјутерскиот томограф не е во функција“.

На одделот за рендген дијагностика се случувало да бидат снимени и до 600 пациенти месечно. Одделот работел во три смени за да се одговори на потребите на сите пациенти. Директорот Балевски вели дека станува збор за скап резервен дел кој не се знае кога ќе биде набавен.

„Во преговори сме со министерството за здравство за да се набави нова цевка кој чини околу 112.000 евра. Треба процедура и посебна постапка за да се набави специјалниот дел“.

Додека се поправи компјутерскиот томограф итните пациенти ќе бидат носени со болничко возило на снимање на томографот во струшката општа болница, додека другите снимања ќе бидат одложувани, информира директорот на охридска општа болница.
Последната набавка на резервен дел за томографот кој чинеше 6 милиони денари беше во август 2018 година. Претходно една година се чекаше да се набави резервениот дел и да се стави во функција компјутерскиот томограф во ЈЗУ Општа болница Охрид.