Избрана фирма за чистење на канали, свлечишта и депонии
Фирмата ќе треба покрај одржување на овие комунални услуги да расчистува и диви депонии во градот и околината. Тендерот е во висина од над 2,3 милиони денари.
Избрана фирма како најдобар понудувач на тендерот распишан од општина Охрид за чистење на речни канали. Покрај одржување проодни речни канали и корита овој пат Фондот за комунални дејности бара фирмата да презема и дополнителни комунални услуги, информира Томе Џамтоски, портпарол на општина Охрид .
„Колку што ми е познато за прв пат се распишува ваков општ тендер каде што влегуваат покрај ангажманите за чистење на речните корита , каналите и расчистување на диви депонии, свлечишта и одрони“.
Избраната фирма „Победа“ е задолжена за машинско и рачно одржување на наведените комунални услуги. Висината на тендерот е во вредност од 2 милиони и 370 илјади денари, посочува Џамтоски.
„Фондот за комунален развој ќе ја врши контролата на работите според наша Програма и дадените задачи кои ќе треба да се сработат. Фирмата избрана на тендер ќе мора да работи во текот на 12 месеци или додека не се исцрпат средствата од тендерот.“
Досега, општина Охрид за услугата расчистување на дивите депонии плаќала на ЈП Охридски Комуналец. Од ова јавно претпријатие информираат дека за расчистување на дивите депонии за извршените услуги се случувало да наплаќаат од општината или пак ги расчистувале на сопствен трошок.