Ангола, неоткриена дестинација за македонскиот бизнис
Во Стопанската комора на Македонија денеска ќе се одржи презентација на Ангола како можна нова бизнис дестинација.
На презентацијата насловена како „Ангола – неоткриена дестинација за македонскиот бизнис“, бизнисмените ќе имаат можност да се запознаат со анголското стопанство и со можностите за соработка.
Промотивниот ден на Ангола, освен во функција на претставување на економските и инвестициските потенцијали, ќе има за цел и подетално да информира за законските, финансиските и административните регулативи за водење бизнис, сервиси и услуги за поддршка на бизнисот.
Компаниите ќе имаат можност за билатерални разговори со трговското аташе на Ангола и за директна промоција на деловниот интерес.
Ангола е една од најбрзорастечките економии во светот со пораст на БДП од 20 отсто во 2007 година. Позната по своите неограничени нафтени извори и дијамантски наоѓалишта Ангола се повеќе се идентификува како важна инвестициска дестинација од страна на големите светски корпорации.
Земјоделско-прехранбениот сектор, земјоделската механизација и опрема, текстилната и фармацевтската индустрија, туризмот и градежниот сектор се посочени како сектори со реален извозен потенцијал на земјава на анголскиот пазар.
{loadposition content9}