Skip to main content

Општина Охрид усвои буџет со историски највисoк износ

Усвоен е буџетот за 2021 година тежок 730 милиони и 716 илјади денари. За Градоначалникот буџетот е развоен, а за опозицијата нереално висок во услови на кризна состојба. Опозицијата поднесе амандмани на неколку програми, но истите не поминаа на денешната седница.

 |  Валентина Неловска  | 

Историски рекорден буџет на Општина Охрид за 2021 година тежок 730 милиони и 716 илјади денари. Износот на проектираниот буџет се зголеми денеска во ставката капитални трансфери за 45 милиони денари кои Владата ги одобри на Општина Охрид како дополнителни средства за проектот за реконструкција на градскиот кеј. Мнозинството советници го изгласаа буџетот на општината со кој според Градоначалникот опфатени се сите општествени развојни сфери кои се од интерес на граѓаните. Посветен е на урбанизмот, уредување на градежно земјиште, локално економскиот развој и развој на туризмот, образованието, животната средина, вели Георгиески.

 

„Во буџетот се планирани рекордни 98,7 милиони денари за реконструкција на улици и патишта во општината. Улиците Јане Сандански, 7 ми Ноември, Будва, Прилепска, Славеј Планина и др. Ќе им се приклучат улиците Кеј Македонија и Македонски Просветители за кои се обезбедени средства од Влада и Светска Банка. Планирано е продолжување на уредување на речни корита, на велосипедска инфраструктура, како и изградба на нови и обновување на веќе постоечки детски игралиште во општината“.

Обезбедени се средства за поддршка на занаетчиите, општинскиот линиски превоз, туристичките дејности, рекордни средства за стипендии на ученици и студенти и реконструкција на училиштата. Во делот на социјалната заштита Општина Охрид комплетно го презема финансирањето на дневниот центар за лицата со интелектуална попреченост „Зраци“.

За опозицијата во Градскиот Совет проектираниот буџет за 2021 година е нереално висок во услови на кризна состојба и неостварлив, вели Гордана Коњаноска координатор на советничката група на Вмро Дпмне.

Значајни износи на средства се планираат за ставки кои не се прецизирани, како на пр. една општа ставка за санација на патната инфраструктурна мрежа на тесни улички и граѓаните не знаат кога нивниот конкретен проблем ќе дојде на ред. Се остава попатно да се детерминираат приоритетите што не е коректно кон граѓаните. Има големи суми во подставки „други трансфери” за значајни износи, што отвора можност за нетранспарентни трошења.“

Опозицијата на денешната седница поднесе низа амандмани на предлог програмите за 2021 година како на пример за еднократна парична помош за првачињата, изградба на резервоари и пумпни станици, потпорни ѕидови, спортски сали, фекална и атмосферска канализација, пречистителни станици во приградските населби, но истите беа одбиени.
На денешната 53 седница поминаа и програмите за тековно работење на јавните претпријатија за следната година. Секторот за урбанизам ја повлече предлог програмата за располагање со државно градежно земјиште на подрачјето на Општина Охрид за 2021 година. На предлог на советникот Димитар Манечев од ВМРО ДПМНЕ, советот усвои заклучок со кој го задолжува Градоначалникот да се изготви извештај за сообраќајот на Булевар Железничка во поглед на безбедноста.