Skip to main content

Охрид остана празен и за зимските празници, надежите се свртени кон пролетните месеци

 Ретки беа похрабри гости кои уживаа во парзничниот период од годината. Надежите на туристичкиот сектор  се свртени кон пролетните месеци кога очекуваат вакцинацијата да ја смири пандемијата и постепено нормализирање на животот и  економијата.

 |  Валентина Неловска  | 

Во празничните денови од годината затишје на охридското крајбрежје. Празни или полупразни останаа голем број од охридските сместувачки капацитети. Ретки се похрабрите гости од дома и странство кои допатуваа на неколку дневен престој во Охрид во овој период од годината.

Останаа под клуч голем дел од хотелите на охридското крајбрежје, имаа гости само многу мал број од нив. Многу полошо поминаа издавачите на приватно сместување од мал обем, информира Александар Момироски за состојбите во овој сектор.


„Сместувачките капцитети останаа празни,а дел се полупразни. Сликата за приватното сметување за оние кои се надеваа дека ќе се раздвижи градот во овој период остана празна.“


Хотелиерите признаваат дека многу мал е интересот за резервации на домашните и странските гости во овој период од годината кога има многу празнични денови и во тек е зимскиот распуст на учениците. Надежите на угостителскиот сектор се свртени кон пролетните месеци.

„Очекуваме што побрзо да заврши пандемијата до пролетните месеци и да очекуваме домашни и странски гости и да имаме поуспешна летна сезона. Неизвесноста постои. Договори се склучени со странски туроператори, но како ќе се реализираат останува да видиме. Сите очекуваме и сме оптимисти да биде 2021 година со нормален живот и економија“.

Според податоците од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Македонскиот туристички сектор забележа пад од 60,8% туристи и 48% остварени ноќевања во 2020 година кога домашните туристи доминираа во нашите туристички дестинации.