Досегашни фаќачи на крстот донираа вода и заштитни маски
Водици празникот на верата и здравјето со тоа доби хуманитарна содржина.
Досегашните фаќачи на крстот донираа вода за пиење за ковид центарот во Општа болница и 1000 заштитни маски во три охридски цркви. Со тоа на празникот Водици му даваат и хуманитарна димензија. Митко Топејнчаров е еден од 15-те мина досегашни фаќачи на крстот. Тој имал среќа дури 5 пати на Водици да го фати чесниот крст во езерските води, а кажува дека со останатите фаќачи без размислување се вклучиле во донаторската акција.
„Иницијативата на професорот Зоран Тунтев едногласно сите ја прифативме да дадеме кој колку може средства и свој придонес, да ја поттикнеме свеста на луѓето, од се срце за денот на фрлањето на крстот симболично да донираме вода за пиење и заштитни маски“.
Иницијаторот, професор Зоран Тунтев , за оваа акција напоменува дека се потрудил да ги собере сите 15 мина досегашни фаќачи на крстот. Вели, тоа се наши локални херои кои од 1990 година до минатата година скокале по светиот крст. Годинава заради пандемијата ќе изостане оваа традиција, но на Водици празникот на верата и здравјето ќе има хуман чин на дарување, вели Тунтев.
„Во повеќе од 2000 годишната традиција на фрлање и осветување на водата со светиот крст никој не се разболел. Тоа е величенствен празник на здравјето. Со благослов на владиката Тимотеј сите фаќачи на крстот ќе подарат вода како симбол на здравјето и заштитни маски со цел да се продолжи традицијата на чевстување на вековниот празник многу значаен за охриѓани“.
Во иднина, професор Зоран Тунтев има намера во одбележувањето на Водици да се даде нова содржина и да се формира фонд за хуманитарни цели. Во исчекување на подобри времиња Тунтев е на идеја да се реализира и литија на која ќе се пее и свири богојавленскиот тропар „Војордание“ во кое ќе учествуваат заедно музичарите од охридскиот еснаф, Градскиот хор и хорот на охридската Гимназија.