Skip to main content

Микробиолошки е исправна водата за пиење од струшкиот водовод

Земени се примероци и од охридската водоводна линија од која се снабдуваат жителите од Велгошти и кај Автобуската станица. Водата на тој потег е заматена и не е за употреба, микробиолошки ќе се испитува утре, информират од ЦЈЗ.

 |  Валентина Неловска  | 

 Микробиолошки е исправна и не е загадена со бактерии водата за пиење од струшкиот градски водовод, покажаа денешните резултати од анализите на земените примероци вода . Во информацијата од охридскиот центар за јавно здравје стои дека стружани може да ја користат водата како здравствено исправна за пиење, во домаќинствата за одржување на лична хигиена,хигиена на раце, во производсто и промет на прехрамбени производи. Во изминатите денови стружани не смееа да ја употребуваат водата за пиење заради констатирана поголема заматеност од дозволеното според Правилникот за безбедност на водата за пиење.


Стружани со денови може да ја користат водата само за техничка употреба. Во претходните анализи на Центарот за јавно здравје беше констатирано дека матноста на водата е зголемена вон границите на дозволеното на мерните места СОУ „Нико Нестор“ и детска градинка „Сонце“ па следуваше препорака од Агенција  за Храна и Ветерина забрани за пиење на водата од градската мрежа.

Испитувани се земени мостри на вода за пиење и од градската водоводна мрежа во Охрид. Има матност и покачени вредности над дозволените граници во селото Велгошти и кај Автобуска станица.

Водата од овие две мерни места да не се користи за пиење и одржување на лична хигиена и хигиена на раце се додека матноста не се стабилизира. Причина е поправка на дефект на водоводната линија. Примероци од водата за микробиолошки испитувања ќе бидат земени утре по стабилизрање на матноста, информираат од ЦЈЗ.

Земени се примероци вода за физичко хемиска и микробиолошка анализа и од селата со сопствени водоснабдителни објекти во Општина Дебрца. Констатирана е зголемена матност и боја на водата за пиење во селата Велмеј, Грко Поле, Долно Средоречје, Белчишта, Ново Село и Ботун. Препораката на ЦЈЗ е водата во овие села да не се користи за пиење,одржување на лична хигиена и хигиена на раце се додека матноста не се стабилизира. Водата за пиење дополнително ќе се испитува дали е микробиолошки исправна за употреба.