Пандева: Oгромна чест и потврда на моето целокупно образование и литерарно творештво e наградата „Григор Прличев“
Поемата „Капетаните“ на Лилјана Пандева е едногласен избор на жири комисијата. Охрид денеска ги одбележува 128 годишнината од смртта на големиот поет и преродбеник Григор Прличев и 160 годишнината од создавањето на неговата поема „Скендербег“.
Поемата „Капетаните“ е добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2020 година. Тоа за мене, пред се, претставува огромна чест, а потоа и потврда на моето целокупно образование, животно искуство и литерарно творештво, изјави Лилјана Пандева, годинешниот лауреат на свеченоста по повод доделување на наградата. Во нејзината поема „Капетаните“ темата е актуелен политички настан, хероите се наши мировници во Авганистан, борци за правда и мир, испратени во хумана мисија. Пандева рече, дека преку делото направила спој на епското и лирското, современото и традиционалното, животот и литературата.
„Капетаните“ е буквално израз на сето она за што сум се образувала, и на некој начин почит на ликот и делото на Прличев, кој слободно можам да кажам ми бил опсесија“.
Д-р Маја Јакимовска-Тошиќ,претседател на жири-комисијата за доделување на наградата, истакна дека поемата „Капетаните“ се издвоила од останатите творби по својата структурална комплексност, сложена експликација и развојот на самото дејство и мотивот. „Капетаните“ го доживуваме и како еден паралелизам со поемата „Сердарот“ на Прличев, во однос на мотивот и во однос ликовите согледуваме поклопувања со содржината.
„Во основа на поемата има актуелен политички настан, се спојуваат две точки, Кабул во Авганистан и Марул , испразнето село од Македонија. Иако, се наоѓаат на различни точки на светот се поврзани со универзална потрага по доброто, позитивното, алтрустичкото, кога човек ќе пројави морални квалитети на бобра за спас на слабиот и немоќниот“.
Во рамките на манифестацијата „Прличевите беседи“ делегации на градот и институции се поклонија пред гробот на великанот каде се одржа панихида. Пред бистата на Григор Прличев пред НУ Библиотека „Григор Прличев“, беседа за Прличев одржа Мерсиха Исмајловска, член на Друштвото на писатели на Македонија. Во библиотеката беше промовирана книгата „За Прличев и неговиот XIX век “ од др Вера Стојчевска Антиќ. Во изложбениот салон на Центарот за култура, пак, беше отворена изложба на ликовни дела од колекцијата на центарот.