Skip to main content

Мајстор Љупчо Паункоски поправа и адаптира стари радио апарати

Носталгијата и љубовта кон старите апарати му даваат сила да ги „оживува“ веќе одамна прегазените апарати од новата технологија. Паункоски жали што нема интерес за изучување на овој занает од помладите генерации.

 |  Валентина Неловска  | 

Љупчо Паункоски поправа и адаптира стари радио апарати во неговиот сервис за електроника. Паункоски во овој занает на електрониката е повеќе од 5 децении. Како што вели, припаѓа на последната генерација повозрасни охридски мајстори. Големо задоволство му причинува кога ќе поправи радио апарат како што се денес во неговиот сервис , приемникот Искра од педесетите години и Козара од шеесетите години од минатиот век.

Љубовта остана од тогаш до сега. Секогаш ми е мерак кога ќе ми донесат радио, да седнам да го направам, и ништо да нема во него ако треба ќе го склопам.Сатисфакцијата ми е голема кога ќе го слушнам гласот, тоа така да кажам, ми ја храни душата.“

Паункоски поседува колекција на стари приемници во својот дом. Најстарото радио кое го има датира од крајот на 30 -те години од 20 век. Носталгијата и љубовта кон старите апарати му даваат сила да ги „оживува“ веќе одамна прегазените технички апарати од новата технологија. Тие две емоции го поврзуваат со луѓето кои ги поседуваат радиопаратите кои одамна се заборавени, покриени со прав по подрумите или во некој задскриен ќош во домовите.

„Муштериите се од повозрасната генерација, но има и помлади. Најчесто се приврзани за првото радио што го купиле, првата плоча што ја чуле. Се врзуваат емотивно и постарите и помладите муштерии“.

Радио приемниците порано работеле на средна бранова должина, а денес се укинуваат и не се употребуваат предаватели на оваа радиофрекфенција. Паункоски, затоа ги преадаптира радиоапаратоите со посебен технички влез преку мобилен телефон за да може и понатака да ги користат луѓето. Мајсторот вели има резервни делови за радио приемниците, но нема интерес за изучување на овој занает од помладите генерации. Од десетината ученици кои учеле занает во неговиот сервис за електроника никој повеќе не поправа радио приемници или касетофони.