Skip to main content

„Низ една призма – сите сме исти“-проект на Инклузија за меѓурелигиска и мултикултурна толеранција

Тимот на здружението за мултикултурна интеграција, “Инклузија”, започна со активностите за реализација на проектот „Низ една призма – сите сме исти“. Идејата е замислена согласно концептот “едно општество за сите”, а најголеми придобивки ќе имаат учениците и професорите од средните училишта во општината, како и останати млади и студенти.

 |  инфодеск  | 
Градење верска толеранција и соживот,  интеркултурен дијалог преку зголемување на коминикацијата и соработката помеѓу средните училишта, факултетите и останатите млади луѓе од Охрид се идеите на кои се темели проектот „Низ една призма – сите сме исти“кој започна да го спроведува Здружението Инклузија.„Главната цел е насочена кон градење интеркултурно и толерантно општество на сите заедници кои гравитираат во овој регион: Македонци, Албанци, Турци, Египќани, Власи, Бошњаци и Срби, за да се изгради засилена мултикултурна комуникација и дух на еднаквост и взаемно почитување. “ – вели Елена Ристеска – координатор на програма на „Инклузија“.За успешно спроведување на прокетот Инклузија воспостави соработка со сите средни училишта во градот како и со универзитетот за информатички технологии “Св. Апостол Павле”. Факти и податоци за обичаите, културата и традициите на етничките заедници во Охрид ќе обезбеди Никола Митровиќ, директор на подрачната единица на  државниот архив.  Митровиќ како историчар и хроничар преку неговите приказни,  ќе направи online прошетка низ најзначајните објекти, која ќе има за цел запознавање на заедничкото културно историско наследство. Проектот предвидува и  пет работилници во средните училишта и една работилница во универзитетот “Свети Апостол Павле”, на теми како толеранција, дискриминација, предрасуди, стереотипи, насилство,  говор на омраза.„ Од активностите можам да го издвојам таканареченото  “толерантно кафе”, кое ќе се одвива како дискусија  на 20тина млади луѓе со претставници на Македонската православна црква, Католичката црква и Исламската верска заедница. Меѓу другото,  месецот мај ќе помине во знакот на одржување на дводневниот мултикултурен камп и на мултикултурната визита. Мултикултурната визита ќе биде финална активност во овој проект, со која ќе се презентираат резултатите пред јавноста. Предвидено е активноста да се реализира на градскиот плоштад, со цел гостите и на учениците да се дружат меѓу себе, да вкусат традиционални јадења и да слушнат и видат музика и ора од различни етнички заедници, како и да погледнат мултикултурна ревија.“ – објаснува Ристеска .Проектот “Низ една призма – сите сме исти”, е финансиран од Цивика мобилитас и Швајцарската агенција за развој, а ќе се  имплементира на територијата на општина Охрид, до крајот на месец мај.