Skip to main content

Проодни локалните патишта во охридската околина и Дебрцa

По интензивните снежни врнежи и студеното време полека се нормализира движењето и сообраќајот по градските улици и патиштата во регинот. Проодни се локалните патишта  кон  сите населени места во охридската околина и Дебрца. Немало дојави ниту за  помош и интервенции од  Планинската  спасителна служба. 

 |  Валентина Неловска  | 

Екипите на ЈП Охридски Комуналец го расчистија снегот по градските и локалните патишта во градот и околината. Директорот на јавното претпријатие Љупчо Грданоски информира дека биле ангажирани 100 тина вработени и расположливата механзиација за расчистување на снегот во крајно екстремни временски услови. Според Програмата за работа во зимски услови обезбедиле пристапни улици во градот и околината. Грданоски ги повика сограѓаните да бидат одговорни.

„Апел до граѓаните да се однесуваат согласно Законот за јавна чистота и секој пред својот дом и правните субјекти да ја завршат обврската и да го исчистат снегот. Да ни помогнат и нам и на работниците кои се на крај на силите.“

Локалните патишта кон сите населени места во охридскиот регион и во Дебрца се проодни, информираат од Центарот за управување со кризи. Немавме дојави за помош по снежните врнежи кои го зафатија регионов, вели Митко Темелкоски од ЦУК.

„Состојбата после снежните врнежи се нормализира и немаме во охридската општина отсечени населени места, а патната инфраструктура се расчистува и работата е под контрола. Во Општина Дебрца, по интензивните врнежи кои се поголеми на нивната територија,во ридско планиснските подрачја снежните врнежи се и над 70 цм , во моментов се расчистуваат уште двете населени места Црвена Вода и Мраморец кои во текот на денот ќе бидат расчистени и патнатата инфраструктура ќе биде оспособена“.

Од ОО на Црвен Крст, исто така, информираат дека не пристигнале дојави за помош до нивните екипи за интервенции за врема на викендот. Така, спасителите од Планинската спасителна служба ги искористила снежните врнежи да ги испробаат на терен специјалните возила за спасување на тешко пристапни терени во зимски услови, а кои неодамна ги добија од ЕУ во рамки на проект за прекугранична соработка.