Skip to main content

Државниот инспекторат за животна средина поднесе кривична за насипот од градежен шут и земја на брегот во Далјан

Пронајден е сопственикот на земјиштето кај Домот за стари лица во изградба каде на брегот и во езрото беше фрлен градежен шут и беше направен земјeн насип и против него е покрената кривична пријава од страна на Државниот инспекторат за животна средина.

 |   | 




Државниот инспекторат за животна средина во рамките на инспекциска постапка утврди дека на потегот помеѓу хотел „Далјан“ и Дом за стари лица во изградба, на површина од 964 квадратни метри на брегот од Охридското Eзеро и во самото езеро, фрлен е градежен шут и насипана е земја од ископ на темели од непозната локација.
Во координација со Министерството за внатрешни работи, пронајден е сопственикот на земјиштето и против него е покрената кривична пријава. Со цел санирање на крајбрежјето, Инспекторатот поднесе и Информација за влијанието на нелегалното насипување на земја и шут на брегот на езерото во населба Далјан и за итно враќање на крајбрежјето во првобитна состојба. Имајќи го предвид Мислењето на Хидробиолошки завод од Охрид дека „нелегалното насипување на земја и шут на брегот од Охридското Езеро во населба Далјан има негативно влијание врз Охридското Езеро, особено врз квалитетот на водата и седиментот, врз живиот свет во езерото, неговиот биодиверзитет, оплитувањето и други негативни последици на овој значаен акватичен екосистем“ очекуваме Владата да ги задолжи Министерството за транспорт и врски и Општина Охрид да го отстранат насипот и да го санираат крајбрежјето. До надлежното Јавно обвинителство Охрид е доставена кривичната пријава за понатамошно постапување по случајот. Уништувањето на природното наследство е недозволиво, а виновниците мора да сносат одговорност, информираат од Државниот инспекторат за животна средина.