Skip to main content

Голема штета е направена на јавното осветлување на патеката Лабино

Искршени се и украдени над 50 фенерчиња поставени покрај патеката. Граѓаните кои ја користат рекреативно оваа атрактивна патека бараат надлежните да ја обезбедат и да го спречат уништувањето на јавното добро.

 |  Валентина Неловска  | 

Вандали атакуваат на пешачката патека кој води под Самоиловата Тврдина кон Лабино. Уништени се автентичните светилки фенерчиња, се крши заштитната ограда па дури се сечат металните корпи за отпадоци поставени покрај патеката. Искршени се 50тина фенерчиња распоредени на половина од должината на патеката. Многу од нив не светат во вечерните часови, а се и украдени голем број светилки.  На патеката се забележува дека недостасуваат и поставени метални корпи за отпадоци, а се крши и заштитната ограда која деновиве беше санирана од страна на екипите на ЈП Градски пазар. Најголема штета е сепак направена на јавното осветлување на патеката која голем број граѓани ја користат за рекреација преку ден и во вечерните часови. Ваквото деструктивно однесување на поединци кон јавното добро ја прави небезбедна атрактивната патека за рекреација во боровата шума.

 

Рекреативците кои ги затекнавме на патеката порачуваат присутност на полициски патроли во вечерните часови и поставување на видео надзор. Потсетуваат на народната поговорка дека само стравот го чува лозјето.

 

Од одделението за односи со јавност го осудуваат оштетувањето на јавните добра.Инфромираат дека се во постојана комуникација со СВР Охрид за изнаоѓање модел за ефикасно спречување на вандализирањето на јавните површини. Исто така, имаат комуникација и со фирмата за одржување на јавното осветлување во Охрид за преземање на сите неопходни активности за што поскоро санирање на оштетените светилки.


Пешачката патека која води над Лабино беше пуштена во употреба во јуни 2017 година. За изградбата беа издвоени 110. 000 евра од општинскиот буџет.

Патеката е долга близу 2,5 км и се користи за рекреација на охриѓани и за туристички разглед на гостите кои доаѓаат во Охрид.