Skip to main content

Појавата со питачењето по охридската чаршија е мошне сложен и комплексен проблем

 Центарот за социјални работи во координација со МВР постапува при регистрирање на случаи на питачење но тоа е само привремено решение. За лицата кои питачат потребно е системско решение, односно отстранување на причините за појавата преку помош и подобрување на условите за живот на тие лица. 

 |  Валентина Неловска  | 


Охрид како туристички центар е привлечен за луѓе и деца кои питаат по охридската чаршија, а не само за летување на домашни и странски туристи. Овие луѓе најчесто доаѓаат од други градови да заработат на лесен начин со питање, од битолски Бајро ,од скопска Шутка, а поретко од Штип и Велес, вели Илче Миштакоски, специјален педагог од  охридскиот центар за социјални работи. Ние се соочуваме со овој проблем посебно во пролетните и летните месеци,кога и градот е пофрекфентен со гости. Постапуваме во координација со полицијата , но тоа не го решава проблемот. За лицата кои питачат потребно е системско решение, односно отстранување на причините за појавата преку помош и подобрување на условите за живот на тие лица, вели Миштакоски.

Овој проблем ако мисли охридската јавност дека само ЦСР и МВР може да го решат сите ние сме се излажале. Ќе напоменам дека е сложен и комплексен проблем. Сме применувале разни методи за справување со оваа грда и тешка проблематика, но се е во делот на терцијална превенција и со краток рок“.

Откако при организираните акции ќе бидат тргнати од улиците лицата кои питачат,со автобус се враќаат во местата на живеење. За некој ден тие се повторно на улица, вели Миштакоски. Додава дека питачењето треба да се решава од корен.

„Треба да се направи државна и локална стратегија. Акцент да се стави во домицилната средина од каде што тие лица потекнуваат. Како? Да им се подобрат условите за живеење во Битола и Шутка, да ги вработат, едуцираат да ги тргнат младите од улица, децата да ги стават во училишните клупи. Ова ние што го правиме е класична превенција“.

Изминатиов период во Охридската чаршија евидентна е група на малолетници кои питаат и кои и по цел ден и ноќ се пред дуќаните и во градскиот парк. На полицијата и се познати и приватни станоиздавачи кои им издаваат преноќувалишта за времето додека питачат во Охрид, а при тоа не ги пријавуваат.