Времено се прекинуваат постапките за легализација дивоградби во заштитеното подрачје
Охридските советници на денешната седница изгласаа одлука со која се времено се прекинуваат постапки за легализација на дивоградби во крајбрежен појас на Охридско Езеро и во Национален парк Галичица Постапките за бесправно изградени објекти надвор од заштитеното подрачје продолжуваат согласно Закон за постапување со бесправно изградени објекти.
Советниците на денешната 57 ма седница го изгласаа начинот за спроведување на постојните урбанистичко плански документации, изменување и дополнување на постојните и донесувањето нови ДУП. Сите урбанистички планови и плански документации ќе бидат усогласени и ќе се спроведуваат согласно со Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот регион (2020-2029).
Со 22 гласа „ЗА “ советот изгласа времено прекинување на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти во крајбрежен појас на Охридско Езеро дефиниран со Планот за управување и во граници на Национален парк Галичица, освен во зоната за одржливо користење.
„ Ова значи дека ние нема да ги легализираме само тие градби коишто се во заштитен појас од 50 метри и во НП Галичица и тоа во зоната на активно одржување. Ние ќе добиваме од НП „Галичица“ за секој објект пред да оди на Совет дека се наоѓа во зона на одржлив развој и така ќе може да ги допуштиме легализациите, оние кои се блокирани повеќе од една година, а сите други да продолжат постапките. “ – Константин Георгиески – Градоначалник на Охрид
За оние постапки за кои се поднесени барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти во крајбрежен појас, а не ги исполнуваат условите за легализација, може да се донесе Решение за одбивање или отфрлање на барањето. Постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти кои се надвор од крајбрежниот појас продолжуваат согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти . Но во моментов општините не може да постапуваат по законот затоа што тој истече и во собраниска процедура е продолжување на важноста за да може да се решат предметите за објекти изградени до 3 март 2011 година за кои веќе се отпочнати постапките. Паралелно со продолжување на рокот во собранието се турка уште еден предлог кој предвидува легализација на бесправно изградени објекти заклучно со 01 октомври 2019 година. Во овој предлог се регулира дека во Охридскиот Регион ќе може да добијат правен статус само оние дивоградби кои со спроведување на Оцената на влијание врз животната средина и Оцена на влијанието врз културното наследство, ќе се утврди дека немаат негативно влијание врз исклучителната универзална вредност согласно УНЕСКО.