Охриѓани се жалат на нерегуларности во трговијата со прехрана
Реакции има за трговци кои продаваат производи со изминат рок и со помала грамажа на пакуваните производи. Поплаки пристигаат и за различни цени на производите означени на рафтовите и оние на каса. Има реакции за фармацевтските производи, а засега нема пријави за нерегуларности за банкарски и потрошувачки кредити.
Охриѓани упатиле 32 претставки до ОП за само два месеци оваа година. Најчесто претставките се однесувале на забележани нерегуларности во продавниците со прехраната, информира Катерина Павловска од охридската ОП.
„ Се однесуваа поплаки на граѓаните поврзани со производи со изминат рок на употреба. Чоколади, млечни производи,паштети, тестенини. Потрошувачите реагираа и на еден производ со сомнителен квалитет. Неколку потрошувачи реагираа за тетрапак сок кој не бил со изминат рок туку со сомнителен вкус и мирис. Веднаш е пријавен до Дирекцијата за храна и се превземени се законски мерки поради неквалитетниот производ“.
Купувачите реагирале на пакувања со помала грамажа на сирење и кашкавал кои однапред се вагаат. Најмногу поплаки пристигнале за различни цени на производите означени на рафтовите и оние на каса.
„Тоа е едно нечесно пазарно однесување. Ние ги советуваме веднаш кога ќе приметат дека истиот производ кој го виделе на рафтовите не е со иста цена да не го купуваат. Цената треба да е иста на рафтот и на производот. Според најновите законски прописи секој производ треба да има цена не само на рафтот туку и на производот“.
Охридските купувачи реагирале и на забележани нерегуларности при купување на фармацевтски производи. Најчесто некои лекови немале декларации и упатства за употреба. Засега, нема пријави од охриѓани за нерегуларности за банкарски и потрошувачки кредити.