Утре езерско дерби ГРК Охрид – РК Струга
Важната победа над Пролет за охридските ракометари е веќе зад нив. Полни со самодоверба се насочуваат кон утрешната куп пресметка со Струга. Езерското дерби секогаш носи емоционален набој помеѓу играчите на двата клуба а охриѓани се надеваат дека ќе ја оправдаат улогата на благи фаворити.
По тешкото гостување во Скопје и победата над Пролет охридските гладијатори покажаа дека можат да играат против сите екипи на било кој терен. Сега полни со самодоверба ги очекуваат куп пресметките. Првиот натпревар е утре против Струга, познатото езерско дерби во кое уште еднаш охриѓани очекуваат победа.
„На ред е купот, езерско дерби за кое се подготвивме и нема да имаме проблем утре на натпреварот. Потоа на ред е Бутел и се надевам поминување во полуфиналето.“ -Филип Кривокапиќ
Главна цел на ГРК Охрид останува обезбедување место меѓу првите четири екипи. Во минатото напорниот ритам од два натпревари во два дена во куп пресметките знаел да направи проблеми за свежината на играчите во плејоф натпреварите. Кривокапиќ смета дека оваа година имаат доволно време да се подготват за еден од одлучувачките домашни дуели против Металург кој е нареден противник во македонскиот ракометен плејоф.
„Нашиот акцент е со пласманот да обезбедиме следната година играње во Европа, да бидеме меѓу првите четири екипи, но мислам дека имаме доста време да се одмориме за домашниот дуел со Металург па утре одиме на победа.“- вели Кривокапиќ.
Со победа над Струга охриѓани ќе се пласираат во четвртфинале од македонскиот куп каде ги очекува подобриот од дуелот Бутел со Јуниор Кисела Вода. Борбата за полуфинале во купот е закажана за четврток во Скопје.