Skip to main content

Од утре Македонија ќе почне со преговори со сите свои соседи за протокот на туристи за летната сезона

Министерот за здравство, денеска најави дека на 14 мај Грција планира да го отвори границите за македонските граѓани, доколку ништо драстично не се промени со епидемиолошката состојба.

 |   | 


Туристичките работници и агенциите бараат владата  да направи сите кои сакаат да дојдат во земјава оваа сезона да се чувствуваат безбедни а за оние кои ќе сакаат да патуваат надвор да се постигнат договори со земјите кои се најпосетувани. Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека од утре Македонија ќе започне со преговорите со сите свои соседи за протокот на туристи за време на летната сезона и меѓусебното признавање на ковид пасошите. Условите биле исполнети со започнувањето на масовната имунизација денеска во Македонија иако бројката на вакцинирани до почеток на летото во најмала рака ќе биде симболична.

„Од утре сите институции ќе стапат во преговори со сите наши соседи за да најдеме заедничко решение за признавање на ПЦР-тестовите и тестовите за антитела. И предходно  реков кога ќе започне имунизацијата, ние истовремено во соработка со МЗ и МНР ќе бараме од нашите соседи да ги прифатат и не само соседите туку и европските земји  да ги прифатат т.н. ковид пасоши од нашата држава“, рече министерот Бектеши.

Од јуни и вакцинираните граѓаните од Западен Балкан, ќе можат да го добијат сертификат согласно одлуката на Европската комисија како документ за патување. Нашите државјани ги интересира дали ќе се постигне договор со Грција каде традиционално летуваат над 60 проценти од македонските туристи. Во фокусот на минситерството за економија е сепак домашниот туризам, посочи Бектеши.

„Согласно стратегијата на Владата и на Министерството за економија обврска на министерот е да го поттикнува домашниот туризам , да се привлекуваат што повеќе странски гости,  и согласно тоа ќе се  направат програми за негова поддршка имајќи предвид дека е еден од главните двигатели на економијата.“ – додаде Бектеши.

Сепак Бектеши рече дека прво Министерството за здравство треба да ги даде насоките, а потоа неговиот ресор ќе пристапи кон потребните билатерални преговори за претстојната  туристичка сезона.  Министерот за здравство, Венко Филипче,  денеска после телефонски разговор со грчкиот министер за туризам,  најави дека на 14 мај Грција планира да го отвори границите за македонските граѓани, доколку ништо драстично не се промени на полошо со епидемиолошката состојба.

„ Ќе биде задолжително да се покаже потврда за вакцинација или негативен ПЦР тест. Тоа што јас зедов утрово обврска да испратам е како ќе изгледаат нашите сертификати за вакцинацијата со сите потребни кодови и листата на официјални овласетени лаборатории коишто можат да издаваат ПЦР тестови.“ – кажа Филипче.

Што се однесува до други туристички дестинации кои се надвор од ЕУ, властите бараат негативен PCR тест или тест за присуство на антитела или доказ за прележана болест, додека Македонија не го бара тоа од туристите.