Skip to main content

Жителите на струшка Весела Долина конечно ќе добијат социјална зграда

Тоа ќе значи пристојни услови за живот за 40тина семејства кои со години живеат во колиби од картони и ламарина, со калливи улици по кои течат  фекалии и затрупани со секаков отпад.

 |  Соња Рилковска  | 


Општина Струга најавува изградба на социјални станови за ромските семејства крај реката Црн Дрим. По барањето на жителите од населбата „Весела долина“  градоначалникот Мерко, вели во деталниот урбанистички план се нацртани две згради  за сместување на 40 те ромски семејства,  кои живеат во мизерни,  супстандардни  услови.

„Детален план каде сме предвиделе  две маркици од 50 до 60 станови можеби и повеќе станови, а веќе имаме барање од 40 семејства. Ако направиме една математика можеме сите тие со времени диви објекти во тој дел да ги сместиме“, Рамиз Мерко градоначалник на општина Струга.

Останува  Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и  деловен простор што поскоро да  пристапи кон изградба на социјалните станови, кои се дамнешно ветување за Струга.

Екипата на МТВ неодамна ја посети населбата „Весела долина“. Затекнавме дрвени колиби, картони , ламарина, калливи улици по кои течат  фекалии и тони отпад. 

Околината е загадена и  извор на болести,  нема никакви услови за живот.

„Ова е катастрофа нема никакви услови за живот  се сме измамени од секого“, вели жител на населбата „Весела Долина“ во Струга.

„Не чинат условите, не чинат да ни дадат треба станови“, вели една постара жена.

Најавата за изградба на социјални станови следува по петицијата за обезбедување на соодветно социјално домување и елементарни услови, потпишано од лицата кои живеат крај „Црн Дрим“, преку Европскиот  Центар за Правата на Ромите, во Брисел.