Аутизмот е сеуште табу тема во нашата средина
Има позитивни промени во грижата и односот кон лицата со аутизам, но се придвижуваат со бавно темпо. Грижата за развој е насочена кон најмладите, а се забораваат адолесцентите и возрасните лица со аутизам. Денес се одбележува Светскиот ден за свесност за аутизмот.
Статистиката покажува дека бројот на лица и деца со аутизам е во пораст и кај нас и во светот. Денес се одбележува Светскиот ден за свесност за аутизмот. Причините за аутизмот и понатака се непознати и зависат од многу фактори, вели Ангела Чингоска, специјален едукатор и рехабилитатор од Здружението за аутизам „Во мојот свет“. Во нашата средина се прават позитивни промени во грижата и односот кон лицата со аутизам, но со бавно темпо. Поголеми промени се случија со отворање на нашиот Центар за сензорна терапија каде што многу родители побараа надеж за своите деца. Стручниот тим може да помогне за позитивни промени во развојот на децата од најрана возраст. За нивно понатамошно оспособување во животот постојат субјективни и објективни пречки во нашата средина.
„Во системот нема поврзаност на институциите за да може да контактираме и споделуваме информации да кажуваме што треба да се прави од најрана возраст на детето. Да се следи до адолесценција и возрасна личност. Тука е и менталитетот сеуште луѓето се затворени и се срамат, ја бараат вината во себе за тоа што му се случува на детето. Никој не е виновен и колку порано се почне со едукација ќе се даде најдобро за детето, еден ден самостојно да се грижи за себе.“
Работите се придвижуваат, но потребно е време да се прифатат лицата со аутизам и да се направи нивна вистинска инклузија во општеството. Во моментов грижата е насочена кон децата од помала возраст, а се забораваат адолесцентите и возрасните лица со аутизам.
„Она што понекогаш ме загрижува се адолесцентите и возрасните лица. Би алудирала, вниманието да се насочи и кон нив, да се вклучуваат во општеството, забавата, социјалниот живот па и во работниот однос да бидат продуктивни. Сите ние носиме во нас некој потенцијал и сметам дека тој потенцијал треба да се искористи“.
Во охридскиот Центар за сензорна терапија на Здружението за аутизам „Во мојот свет“се згрижени 70 корисници кои добиваат стручна едукација и грижа за осамостојување во животот и подготовки за школскиот систем. Со децата работат 5мина дефектолози, специјални едукатори, логопед и психолог.