Skip to main content

Локалните надлежности во заштитата на животната средина се сериозен проблем

Граѓаните до Државниот инспекторат за животна средина најмногу пријавуваат неправилности за загадувања поради  диви депонии, фрлање на градежен шут и излевање канализации.  Пријавите кои се главно за комунални проблеми и не се во надлежност на државните инспектори се препраќаат до општинските инспектори за животна средина. Проблем е што државниот инспекторат кубури со кадар а една третина од општините или немаат инспектори за животна средина или инспекторот нема лиценца за работа.

 |   | 

Локалните надлежности во заштитата на животната средина се сериозен проблем кој треба да се решава што е можно поскоро.  Законот за инспекциски надзор во животната средина сеуште не е донесен што  влијае врз соработката на државните со локалните инспектори. Државниот инспекторат за животна средина ( ДИЖС ) треба да врши надзор над работата на општинските инспектори , но што тоа практично значи ниту еден закон не дефинира, вели Ана Петровска, директорка на Државниот инспекторат за животна средина.


„ Соработката, мрежата на инспектори државни и локални треба добро  да се  обмисли и да се регулира со  закон затоа што само на тој начин можеме да ги покриеме сите загадувачи, а во овој момент навистина ни висат локалните загадувачи. 1/3 од општините немаат овластени инспектори за животна средина , а таму и каде што ги има немаат лиценца и не можат да постапуваат на суд, ќе им паднат предметите. “ – вели директорката на ДИЖС.


Управувањето со цврстиот отпад најгорлив проблем во сферата на екологијата. Граѓаните до ДИЖС најмногу пријави упатиле  за диви депонии во општините. Само минатата недела преку он лајн платформата за пријавување загадувачи и преку фејсбук страната на инспекторатот,  граѓаните испратиле 94 пријави од кои 15 биле во надлежност на ДИЖС а другите биле проследени до соодветни надлежни институции.

„ Граѓаните сакаат да го решат својот проблем и увиделе дека една институција се грижи за нивните проблеми. Јас сум многу благодарна за сите пријави што ни ги доставуваат и покрај тоа што не се сите во наша надлежност.  Пријавувањето е доста динамично. Секој ден имаме постојана комуникација со граѓаните, ги насочуваме каде треба да се обратат или сами ние ги проследуваме нивните поплаки и барања. “ – вели Петровска.


Инспекторатот има потреба од 13 нови вработувања од кои 12 инспектори и еден правник. Петровска не е сигурна дека сите вработувања ќе и бидат одобрени од Министерството за финансии но потенцира дека таа би се откажала од дел од потребните инспектори само во крајна нужда односно доколку државата ја убеди дека во овој момент навистина нема пари за 13 инспектори за животна средина  што значи заштита на здравјето во споредба со други институции каде има превработеност.