Седум охридски села се снабдуваат со нехлорирана вода од селските водоводи
Жителите од Куратица бараат управувањето со селскиот водовод да го преземе ЈП Водовод, а од таму инфомираат дека за тоа нема економска исплатливост. Трајно решение гледаат во каптирање на Свинишките извори и изградба на цевковод со кој ќе се снабдуваат со вода жителите од селата и од градот.
Без решение е проблемот со водоснабдувањето во повеќе охридски села. Жителите пијат нехлорирана и неисправна вода со децении, а трајно решение нема. Жителите или не ги препуштаа водоводите на Јавното претпријатие да стопанисува со водоводите изградени од месното население или пак ЈП немаат економска исплатливост да ги одржуваат. Последниот извештај за квалитетот на водата од ЦЈЗ покажува дека и понатака нема резидуален хлор во водоводот на седум села меѓу кои и во селото Куратица. Месната заедница од ова село, со години бара решение за овој проблем, а од 2018 побарале стопанисувањето со водоводот да го преземе ЈП „Водовод“, вели Горан Ангелоски претседател на МЗ Куратица.
„Со Водовод на состанок е кажано или нека најдат соодветно законско решение со кое МЗ ќе може да управуваат со водоводите според законот за управување со води. Ние не можеме да функционираме, се препорачува хлорирање, но на своја одговорност, народски кажано, никој не ја става главата во торба. Од најавите да се формира Комисија до ден денес со МЗ на Куратица нема никаков контакт да се објасни во каква состојба е водоводот и што треба да се направи. Ситуацијата е непроменета и очекуваме да се најде соодветно решение“.
За ТВМ од ЈП Водовод информираат дека во моментов нема економска исплатливост да стопанисуваат со селските водоводи чии извори со климатските промени се со променлива издашност и пресушуваат. Светозар Стефановиќ, директор на ЈП Водовод посочува дека трајно решение има само ако се реализира проектот каптирање на Свинишки извори и изградба на цевковод со кој ќе се реши водоснабдувањето за голем број села и за градот.
Во последниот извештај на Центарот за јавно здравје анализите покажуваат дека седум села во охридско пијат неисправна вода од селските водоводи. Микробилиошки е неисправнa водата од двата извори во охридското село Речица. Утврдено е присуство на ентерококи во анализите од земените примероци од ЦЈЗ.
Специјалистот по хигиена со здравствена екологија препорачува жителите да направат напори да каптираат барем еден извор кој ќе се хлорира за да се избегнат несакани ефекти врз здравјето на жителите кои ја користат оваа вода.
Исправна е водата за пиење само во селото Косел, за прв пат, после подолго време, информираат од ЦЈЗ. Додека, жителите во останатите села Свиништа, Вапила, Ливоишта,Опеница, Завој и Куратица продолжуваат да се снабдуваа со нехлорирана вода за пиење.