Teчe рокот за запишување во Регистарот на вистински сопственици
Обврска да се запишат податоци на вистинските сопственици меѓу другите имаат трговски друштва, здруженија, сојузи, фондации, комори, синдикати, политички партии. Оваа обврска не се однесува на трговци поединци и самостојни вршители на дејност.
Тече законскиот рок до 27 април до кога сите правни лица треба да се запишат во Регистарот на вистински сопственици. „Вистински сопственик” е секое физичко лице кое е краен сопственик на субјектот или го контролира субјектот и/или физичко лице во чие име и за чија сметка се извршува трансакција. Поимот вклучува и физичко лице кое врши крајна и ефективна контрола над правно лице или странски правен аранжман. Целта на воведувањето на регистарот е зголемување на транспарентноста во сопственичката структура на правните лица во земјата и исполнување на меѓународните и ЕУ стандарди за борба со перење пари и финансирање тероризам.
Обврска да запишат податоци за вистински сопственик во регистарот на вистински сопственици имаат следните субјекти: трговски друштва, подружници и филијали на странски трговски друштва и странски трговец поединец, здруженија, сојузи, фондации, комори, синдикати, политички партии, задруги, верски заедници и заедница на сопственици и други организации.
За точноста, адекватноста и ажурноста на податоците внесени во Регистарот се одговорни овластените лица на правните субјекти, а уписот се спроведува единствено електронски, преку интернет, при што подносителите се идентификуваат и пријавите се потпишуваат со електронски потпис.
По истекот на горенаведениот рок, уписот ќе се наплаќа согласно Тарифата на Централниот регистар.
Обврската за внесување податоци за вистински сопственик/ци во Регистарот на вистински сопственици не се однесува на: трговци поединци, самостојни вршители на дејност, правни лица во државна сопственост, правни лица во постапка на стечај и ликвидација и АД кои котираат на берза.
Регистарот се воспоставува по интензивната соработка меѓу Централниот Регистар со Управата за финансиско разузнавање, поддржан од Глобалната програма за борба со нелегални финансиски текови при Германското друштво за меѓународна соработка .