Skip to main content

Чагаљ: РК Струга е предизвик

Охридскиот ракометен клуб утре го очекува уште едно гостување. Во напорниот ритам од два натпревари во една недела популарните гладијатори очекуваат нови бодови во езерското дерби. Уморот е присутен кај ракометарите но тие ветуваат,  како и секогаш ќе го остават срцето на терен.

 |   | 

Освоениот бод во Битола против Еурофарм пелистер 2 покажа дека нема лесни противници и однапред запишани бодови во ракометната суперлига. Следна пречка на која не смее да се сопне ракометниот клуб Охрид е Струга. Иако охриѓани релативно лесно славеа во куп натпреварот, теренот во Струга секогаш е предизвик. Доказ за тоа се нерешените средби на стружани против Металург и Еурофарм пелистер 2.
 
„Навистина нема лесни натпревари, секоја екипа со причина е во плејофот. За езерското дерби не треба да се трошат зборови, сите знаат какви натпревари се тоа, со цврсти одбрани и мал број на голови. Наше е да дадеме 100 проценти на теренот, да го испочитуваме договореното од соблекувалната и да се надеваме на најдоброто.“ – изјави Игор Чагаљ.

Најголем проблем за охридскиот колектив е заморот. Играњето два тешки натпревари неделно доведе до ситни повреди кај неколку играчи. Темпото е силно но гладијаторите не се жалат бидејќи во слична ситуација се и останатите клубови. Српскиот интернационалец кој има настапувано во сеха лигата и европскиот ЕХФ куп со екипите на Марибор, Војводина и Металопластика е вистински соговорник кој може да посведочи за квалитетот на македонската суперлига.  

„Можам да кажам дека квалитетот е на вистина на високо ниво оваа година. Ако видите кои екипи се борат за пласман за Европа и бидејќи нема лесни натпревари сигурно е најквалитетно натпреварување во поранешна Југославија.“ – кажа Чагаљ.

Чагаљ е задоволен во Охрид од условите што ги обезбедува клубот, од климата во градот и она што е најважно
градот го сака ракометот и стои зад клубот. А Охрид очекува нова победа против Струга во дуелот кој е закажан за утре во 14 часот.