Skip to main content

И во Охрид ќе се отвори пункт за масовна вакцинација против Ковид 19

Во уште неколку македонски градови, меѓу кои и Охрид  ќе бидат отворени пунктови  за масовна вакцинација по примерот на салата „Борис Трајковски“ во Скопје, најави министерот за здравство Венко Филипче.  До крајот на месецов се очекувааат 20 000 дози на Фајзер и значителна количина на кинеската вакцина со што возрасната граница на граѓани кои ќе може да се вакцинриаат ќе се спушта.

 |   | 



До крајот на април се очекува да стигнат првите 20 илјади дози вакцини од „Фајзер“ како дел од директните преговори со компанијата. Вакцините се очекуваат во две пратки по 10 000 дози на 19 и на 26 април. Во тек е и комуникација со кинеската и руската амбасада од каде што се чека поголема количина пратки, а до крајот на месецот се очекуваат уште 76 илјади од „Астра Зенека“. Ова го истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче. Од утре почнува вакцинација на повозрасните граѓани под 75 години. Со поголемите количини на вакцини што ќе пристигнат во земјава, Филипче најави отворање на пунктови за масовна вакцинација  по примерот на  Скопје и во други градови.
„ Во овој период, очекувајќи ги кинеските вакцини кои ќе направат најголема промена во динамиката на спроведување на вакцинацијата, ќе работиме на отворање места за масовна вакцинација во уште неколку градови по примерот на „Борис Трајковски“ и тоа во Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово, покривајќи соодветни региони околу овие здравствени домови кои може овој процес да го изменаџираат со кадар.“– рече Филипче.
Досега во земјава се вакцинирани околу 30 илјади граѓани. На сајтот за вакцинација се пријавиле околу 150 000 граѓани, а министерот очекува дека како што ќе доаѓаат поголем број вакцини интересот да се зголеми.
Најави надградба на системот на веб страната „вакцинација.мк“ со тоашто во следните неколку дена ќе има опција известувањата за терминот и местото за вакцинација преку СМС порака.
Намалувањето на бројот на дијагностицирани случаи на ковид во изминатите денови, според министерот, е резултат на рестриктивните мерки, но тој посочува дека притисокот врз болниците сѐ уште е голем. Доколку има потреба рестриктивните мерки кои се на сила до 20 април, ќе бидат продолжени, рече Филипче.