Ја убил сопругата на гости кај пријатели и се обидел да се самоубие
Расправија помеѓу двајца сопружници во стан во Струга прерасна во крваво убиство. Битолчанец си ја убил сопругата и се обидел и да се самоубие. Осомничеиот маж е опериран и се наоѓа надвор од животна опасност. Полицијата и јавното обвинителство работат на утврдување на околностите и фактите под кои се случил настанот.
Битолчанец со неколку убоди од нож ја усмртил сопругата, а потоа се обидел да се самоубие. Крвавиот астан се случи синоќа, во стан на улицата „Ристо Крле“ во Струга, додека сопружниците биле на гости кај пријатели. Во еден момент дошло до жестока расправија, која заврши фатално за младата жена на возраст од 34 години, мајка на две малолетни деца. По убиството 39-годишниот сопруг се обидел да побегне но бил спречен од пријателите. Тој посегнал по својот живот нанесувајќи убодни рани во стомакот. Од екипа од Итна медицинска помош била констатирана смрт кај жената, а сопругот бил префрлен во Општа болница Струга . Тој е хоспитализиран и моментално се наоѓа надвор од животна опасност.
„Од страна на анестезиологот извршена е реанимација и во најбрз временски рок извршен е и хируршки зафат. Санирани се повредите. Наидено е на повреда и на црниот дроб. Паациентот е стабилен и контактибилен, свесен и ориентиран“ , вели д-р Арменд Арслани директор на струшката болница.
Станува збор за сопружници од Битола кои во Струга имале привремено живелаште. Пријателите кои биле сведоци на убиството што се случило во нивниот дом се во шок, тие го пријавиле настанот.
„ Увид на местото на настанот извршила екипа на Полициска станица Струга и јавен обвинител. Подигнати се траги и предмети коишто ќе бидат важни за натамошната постапка се до поднесување на кривичната пријава . Се работи на утврдување на мотивите , во тек се интензивни активности после синоќешните преземени мерки, во координација со јавен обвинител. “ -информира Стефан Димоски , портпарол на СВР Охрид.
По наредба на јавниот обвинител ќе биде извршена обдукција врз телото на починатата.