Пакомак ќе избира најеколошка општина
Компанијата за собирање и управување со амбалажен отпад ќе избира најеколошка општина. Право на учество на конкурсот имаат сите општини во земјава кои ќе ја приложат еколошко-општествена работа реализирана во текот на изминатата 2020 година.
Компанијата за собирање и управување со амбалажен отпад Пакомак, организира трета година по ред избор на најеколошка општина во земјава, информира Ико Брдароски, од Пакомак. Целта е да ги стимулираме општините да се вклучат во процесот на реализација на еколошки проекти за заштита на животната средина. Од година во година се вклучуваат се повеќе општини не само во сораотката со Пакомак туку и активно размислуваат како да се подобрат еколошките услови за живеење во општината. Во изминатите две години најеколошки општини биле прогласени Прилеп и Берово. Од досегашното менаџирање на отпадното пакување, Брдароски споделува каде е рангиран Охрид по еколошката свест меѓу општините во земјава.
„Охрид е во горната половина од нашата табела ор рангирање.Не е најдобар во Македонија, но е во горните рангирани општини. Има добра соработка со Пакомак со добар систем на организирање на амбалажа отпад на стакло. Дополнително бележиме солидни резултати со пластична амбалажа и хартија. Соработуваме со еко кафулиња и ресторани на отпадна амбалжа“.
Пријавувањето на конкурсот е веќе започнато, а општините можат да ја испратат нивната апликација на веб страната на Пакомак. Право на учество во конкурсот за најеколошка општина имаат сите урбани и рурални општини кои ќе ја приложат еколошко-општествена работа реализирана во текот на изминатата 2020 година. Финалниот избор за најеколошка општина ќе биде направен според успешноста во реализацијата на претходно одредените критериуми кои ги пропиша Пакомак.
„Во критериумите влегуваат кои се инвестициите кои општините ги даваат во екологијата, бројот на паркови, зелени површини, релизирани еколошки проекти, јавни кампањи за едукација на населението и заштита на животната средина за да се добие целокупната слика за да може да се пофали општината дали е најеколошка општина во државата“.
Општината која по гласањето на жири-комисијата ќе биде избрана како Најеколошка општина за 2020 година, од Пакомак ќе добие награда изградба на детско игралиште направено од еколошки материјали. Рокот за испраќање на пријава за учество е до 31 август 2021.