Владата им ги одзеде лиценците за одгледување канабис на две компании
На предлог на Министерството за здравство, Владата им ги одзеде дозволите за производство на канабис за медицински цели на две компании.
Одземени се лиценците за одгледување на канабис за медицински цели на двете компании кои се споменуваа во аферата за шверц на марихуана во која МВР и Американската служба за борба против дрога – ДЕА запленија 200 килограми марихуана во вредност од над 800 000 евра.
Станува збор за Друштвото за производство, трговија и услуги „Пхарма ЕУ ЛЛЦ“- увоз-извоз, ДООЕЛ Битола – Подружница „Пхарма ЕУ ЛЛЦ“- Прилеп и Друштво за производство, трговија и услуги „Медикал 420“ увоз-извоз ДОО Битола.
Одземањето на лиценците е на предлог на Министерството за здравство кое вчера доставило информација до Владата која ја донесе одлуката, но во соопштението од владата не се појаснува кои се причините за одземање на лиценците на фирмите.
„Медикал 420“ увоз-извоз ДОО Битола ја доби дозволата за одгледување канабис за медицински цели во декември 2017 година, додека пак „Пхарма ЕУ ЛЛЦ“, увоз-извоз, ДООЕЛ Битола – Подружница „Пхарма ЕУ ЛЛЦ“- Прилеп ја доби дозволата во немеври 2019 година.
Фирмите беа спомнати во акцијата за пресекување канал на шверц со дрога од страна на МВР и Американската служба за борба против дрога – ДЕА кога беа запленети 200 килограми марихуана во вредност од над 800 000 евра. Во акцијата беа уапсени шест лица меѓу кои и управителите на овие фирми.