Skip to main content

Шанкери, келнери, собарици го напуштаат угостителството за работа во фабрика

Не станува збор за прелевање само на сезонски работници од погодениот туристички сектор во пандемијата туку и за едуциран кадар од угостителско туристичката струка.  Трансфер во странските фабрики во охридско прават и голем број занаеетчии.

 |  Соња Рилковска  | 

Стотина вработени во туристичко угостителскиот сектор, заминаа  во охридските фабрики. Кризата предизвикана од пандемијата најмногу го погоди туристичкото стопанство. Голем дел од  вработените, особено  со сезонски ангажман,но и останатите кои повеќе од една година земаа минимална плата како финансиска помош од државата, се преквалификуваа. Од келнери, шанкери, салатери, собарици  денес работат на лента во германската  фабрика Костал во Охрид.
Ги бираат странските компании бидејќи им нудат солидна плата, сигурност и можност за напредок во кариерата.

„Посебно во последните 15 до 16 месеци од почетокот на пандемијата, голем дел на вработени во угостителскиот и туристичкиот сектор активно аплицираа за работа и веќе се вработени во Костал. Ние во моментов немаме проблем со стручен кадар, но техничкиот кадар е проблем без разлика дали тие завршиле средно стручно образование или се од други бранши  навистина треба многу време за обука и подобрување на нивните вештини особено за автоматизација и роботика“ , вели Виктор Мизо директор на Костал.

Охрид во осумдесетите години од минатиот век  важел за индустриски град, познат по  машинската, текстилната и  електро-индустријата. Последните години туристичко угостителскиот сектор беше во експанзија, но кризата предизвика трансформација.

„Креирање на еден кластер технолошки напредни компании во овој регион на државата ако гледаме што се случувало овде крајот на 80 те години имало многу индустрија. Што се случило со индустрисското знаење во тој период од триесетина години подобро да не коментирам. Потребно е време и напор, денес  за тие да можат да бидат  продуктивни и квалитетни работници. Најчесто ги праќаме во период од неколку недели па дури и до една година во Германија, Ирска  Велика Британија  и наши други локации низ Европа за да може  да бидат обучени“вели Виктор Мизо директор на Костал германска фабрика во Охрид.


Во охридскиот регион покрај Костал има и фабрика на компанијата ОДВ Електрик, а во  индустриката зона кај Подмолје за работа се подготвува   трета странска компанија од Канада  за производство на делови во автомобилската индустрија.
Трансфер во фабриките има и од занаетчиите. Немоќни да остварат егзистенција ги затворија своите дуќани, го оставија алатот  и заминаа во фабриките.