Две години откако се обврзаа општините не најдоа начин како да ја поддржат ПСС
Сите се согласни дека планинската спасителна служба е неопходна за развојот на охридскиот регион како безбедна туристичка дестинација но никако да се најде начин таа да се помогне да биде оддржлива. Службата која функционира волонтерски и со своите интервенции покрива територија на пет општини во југозападниот регион е опремена со европски пари а сега преостанува државава да најде начин како таа да стане дел од системот за цивилна заштита.
За развој на авантуристичкиот туризам но и воопшто за безбедноста на жителите и туристите во поширокиот регион на Охридското езеро како туристичка дестинација неопходно е постоењето на систем за спасување. Во таа насока Планинската спасителна служба при Црвен Крст Охрид, која функционира целосно на волонтерска основа со оперативен центар и опрема набавени со европски пари преку квалитетни проекти, е успешна приказна. Општините Охрид, Дебрца и Вевчани пред две години потпишаа Меморандум за соработка со цел да се овозможи службата да продолжи да функционира и да се развива. Но до денес локалните власти во општините од регионот, кои имаат бенефит од нејзино постоење, не најдоа начин како да се реализира таа поддршка. На вчерашната седница на Совет охридските советници гласаа воздржано за предлогот за финансирање на планинската спасителна службам, освен советникот Ристо Николески кој гласаше ЗА. Јавноста ја пречека со негодување ваквата одлука на своите избраници во советот.
Градоначалникот Константин Георгиески, денеска за ТВМ изјави дека спасителната служба е потребна и треба да се поддржи но во овој момент Советот не бил убеден дали е избран вистинскиот начин за тоа.
„Никој не е против , ниту јас како Градоначалник, ниту советниците, да се најде модус како спасителната служба да продолжи да функционира затоа што таа му е потребна на градот. Меѓутоа правниот основ е проблематичен, не можеме да префрламе пари на волонтерска организација а во извештајот да наведиме дека средствата се потребни за плати на волонтери, тоа не оди. Мора да ја ставиме службата во правна рамка. “ – изјави Георгиески.
Координаторката на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Гордана Коњаноска за ТВМ кажа дека гласале воздржано затоа што и покрај тоа што оваа тема била подолго време актуелна за Советот, тие како советници не добиле прецизни финансиски показатели за тоа колку чини функционирањето на службата на годишно ниво и со кој дел би учествувала Општина Охрид во вкупните трошоци.
Сличен став добивме и од Советничката група на СДСМ и коалицијата. Се изјасниле воздражно од една единствена причина што Предлог одлуката не поседувала финансиска конструкција и јасни финансиски показатели во однос на точната намена на средствата кои се бараат да бидат доделени од општинскиот буџет.
И од СДСМ и од ВМРО ДПМНЕ посочуваат дека Планинската спасителна служба е потребна за нашиот град како туристички центар и се подготвени за соработка и изнаоѓање на решение кои ќе биде во рамките на законските прописи.
Дали без помош од локалните власти е загрозено функционирањето на службата, односно нејзината одржливот? 19 години работиме во интерес на безбедноста на граѓаните од општините на чија територија делуваме и тоа го правиме без оглед на политичките одлуки на советите и градоначалниците. Ќе продолжиме да го правиме истото додека имаме сили, вели Антонио Додевски, алпинист, Раководител на ПСС и Претседател на Националниот Сојуз за планинско спасување.
„ За среќа покажавме дека имаме капацитет да аплициораме со квалитетни проекти а уште повеќе да менаџираме со проекти. Во нашиов регион имаме донесено 1.107.000 евра од европските фондови и уште неколку стотини од други донатори. Ќе продолжиме да го правиме тоа додека можиме. Но она што мора да го констатираме е дека ваквите системи за цивилна заштита и спасување не можат да се базираат на проекти. Ние од проекти можеме да се опремиме , доедуцираме , да имаплементираме меѓународни стандарди но одржливоста на системите мора да биде на товар на општеството.“ – изјави Додевски .
Додевски посочува дека имаат опсежна студија и анализа за функционирање на службата со резервни опции за финансирање но тие ќе бидат базирани на принцип на јавно-приватно партнерство со наплата на услугите кои службата ги нуди. За жал, товарот ќе го сносат оние кои ќе ги спасуваме , вели Додевски, додека во нормалните држави системите за спасување се дел од цивилната заштита која е грижа на државата и локалните власти. Додава дека ќе се обидат проблемот да го решаваат на државно ниво со иницирање измени на постојната законска легислатива.