„Музика сега“: Дискриминација е музичари само на свадби да може да свират
ЗУПМ „Музика Сега“ повторно јавно се обраќа до Владата барајќи олабавување на мерките за музичарите, да нема дискриминација во било кој сегмент на нивниот колегиум и конечно после 15 месеци да можат да отпочнат со работа сите музичари.
„Искрено се надеваме дека овој пат ќе бидеме сослушани и сериозно сфатени, во спротивно ќе се надоврземе на нашето Отворено писмо до јавноста од 28.05.2021, а доколку нашите молби не бидат ислушани и нашите барања за укинување на мерката од (Службен весник бр.240 Прилог број 7 и 8 точка број 13 и 15) овој петок 04.06.2021 година најавуваме протест на сите музичари и музички работници во Република Македонија“, се вели во јавното соопштение.
„Музика Сега“ вели дека како Здружение за унапредување на правата на сите музичари без разлика на националност и етникум, досега во целост се труделе да изградат коректен однос со надлежните институции следејќи ги сите протоколи во комуникацијата, конструктивно и достоинствено. Истовремено одговарајќи на сите нивни задачи и предлози за наша организација, со цел да послужат како стожер во изградбата на функционална инфрастуктура во корист и заштита на цела една професија од непроценлива културна вредност.
„За жал исходот од нашите културни напори за позитивни резултати и со помош на државните органи да ја ублажиме болката од стрмниот финансиски пад и деградација на цел еден еснаф, го знаете сите“, стои во реакцијата.
И покрај нивни напори, велат тие, не успеле да ја раберат логиката на последната официјална објава по одлуката на владата за олабавување на мерките.
„Зошто свадбите и музичарите кој настапуваат по свадби би биле привилегирани сега во однос на другите? Каде се протоколите за мали настани (кафичи, ресторани, ноќни клубови, барови, кафани, и други угостителски објекти) кои ви ги предадовме изминатото лето? До кога ќе трае оваа дискриминација, бидејќи за тоа се работи, за дискриминација?“, стои во реакцијата.
Според „Музика Сега“, со оваа последна одлука од Комисијата за заштита од заразни болести „овие половични мерки ќе создадат хаос во работењето и новото секојдневие, и да не испадне утре во сите угостителски објекти секојдневно да се организираат свадби и прослави“.