Македонец уапсен во Турција
Македонец, кого турските медиуми го идентификуваат како Бобан Томовски, соработник на наркобосот Седат Пекер, бил уапсен на аеродром во Истанбул. И тој, наводно, е вмешан во шверц на дрога.
Турските медиуми пишуваат дека живеел како бегалец во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), а бил приведен при обид да замине за Египет преку Турција.
Медиумите потсетуваат дека на социјалните мрежи често споделувал објави со Пекер, како и дека има повеќепати правел влез-излез од Турција. Двајцата, според новинските извештаи, често се среќавале и во Македонија.
Името на Седат Пекер се споменуваше во аферата „Мафија“ што ја отвори ВМРО-ДПМНЕ, а власта спроведе акција под кодно име „Двојник“. Случајот се однесува на злоупотреба на идентитети за издавањето нелегални македонски пасоши на странски државјани осомничени за криминал и барани со потерници.
ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека на оваа листа е токму и Седат Пекер, кој подоцна беше протеран од земјава. Тој, според опозицијата, си извадил македонски пасош во полициската станица во Драчево под името Џанин Адемовски. Актуелната власт, пак, тврди дека најголемите фалсификати биле правени во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
Тогаш, адвокатите на Пекер демантираа дека нивниот клиент некогаш имал македонски пасош.
Турските власти го бараат Пекер со потерница, а неодамна спроведоа голема полициска акција на неколку локации за да ја разбијат неговата организација. Беа приведени 50-тина лица осомничени за низа кривични дела како злосторничко здружување, грабежи, мито, киднапирање.