Народниот театар од Охрид одбележува јубилеј десетгодишнина од неговото формирање
Охридските актери во овој момент го живеаат својот сон и релизираната желба градот на културата да има театраски храм. За тоа се заслужни бројни ентузијасти актери и аматери кои макотрпно работеле со децении претходно, за денес да функционира Охридскиот народен театар.
Народниот театар од Охрид слави десетгодишен јубилеј од неговото формирање со изведба на претставата „Сопружници”. Денес, се одбележува јубилеј кој пред една декада и повеќе беше мислена именка градот да има институција театар, а ние штотуку завршените актери го очекувавме како топол леб, се потсетува Стрезо Стаматоски, еден од иницијаторите актери за неговото фомирање. Стаматоски со гордост ги споменува и останатите актери од екипата која го иницираше формирањето на охридскиот театар меѓу кои се актерите Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ, Никола Тодороски, Ивица Цонев и Билјана Билаловиќ.
„Од една ентузијастичка екипа која што работеше макотрпно многу години пред , на која jaс сум горд што бев дел од неа. И дури и една друга екипа којашто повтoрно работеше со голем ентузијазам и аматеризам , до кои упатувам огромна благодарност и до нив, се оформи она што денес го имаме и се нарекува Охридски народен театар. Од година в година нижи успеси и се надевам дека ќе се проширува и ќе стане најпрепознатлив во цела Македонија“.
Очекувањата на охридските актери е институцијата да расте, да се проширува , да излегуваат на фестивали и надвор од државата и да бидат препознатливи во светот како што е и градот Охрид. Горан Симоноски, директорот на ЦК Григор Приличев, во чии рамки функционира Народниот театар посакува театарската екипа да се проширува и да се подбруваат условите за работа. Симоноски вели потребно е изградба на нов театар, но засега ја поддржува идејата постоечкиот објект да се реновира за се да функционира беспрекорно.
„Условите се тие што се. Ние правиме се од наша страна за да функционираме. Не дека е сјајно, но има услови за да функцинираме за разлика од другите театри во Република Македонија кои сум ги посетил , кај нас условите се добри“.
Народниот театар во Охрид е формиран во јануари 2011 година со одлука на Владата. Од почетокот до денес имаат одиграно 32 премиери и две самостојни копродукции. Театарскиот ансамбл го сочинуваат 9 мина актери. Охридските актери се добитници на бројни награди со повеќе претстави во земјава како што се фестивалот за Камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, „Театар комедија“ во Скопје, на Детскиот фестивал во Штип. Во 2015 година премиерно учествуваа со претставата „Стари времиња“ и на Фестивалот „Охридско лето“. Првата претстава беше „Метаморфози” од Овидиј во режија на Андреј Цветаноски и беше изведена на 3 јуни 2011 години.