Започна првата фаза на уредување на Лајонс паркот во Охрид
Хортикутурно ќе се уредува потегот покрај пешачката патека од каналот Студенчишта до Рача. Оваа година ќе бидат засадени 103 садници, автохтони видови дрва на околу 1500 метри квадратни.
Означен стартот за уредување на Лајонс паркот Охрид. Започна првата фаза за подготовка на хортикултурно уредување на дел од потегот покрај пешачката патека од каналот Студенчишта до каналот Рача. Изградбата на паркот е заложба на сите 4 Лајонс клубови од Охрид со поддршка од општина Охрид.
Маријан Талев, гувернерот на Лајонс Дистрикт 132 Македонија, напомена дека како дистрикт 132 ќе ја поддржат оваа акција која е за граѓаните на Охрид.
„Ние сме горди Лајонси со овој проект што денес започнува во Охрид. Како Лајонси имаме 8 сервисни акции, првата е вид, млади, хуманитарни, дијабетес, канцер кај деца, глад и екологија. Ова е еден од поголемите настани кои се случуваат оваа година и ова е најголемиот парк што ќе е во Македонија. Имаме уште три парка во Битола, Велес и Скопје“.
Лајонс паркот ќе се работи во две фази. Оваа година ќе бидат засадени 103 садници, автохтони видови дрва на околу 1500 метри квадратни. Тие ќе се наводнуваат со техничка вода со систем капка по капка, а редовно ќе се одржуваат од страна на ЈП Охридски Комуналец со 24 часовен видео надзор.
Во границите на паркот, во втората фаза е предвидено да се уредат и 300 м квадратни пешачка патека, а ќе се постават клупи и канти за отпадоци по стандардите на Унеско.