Skip to main content

Во пораст трговијата со деца на Западен Балкан

Трговијата со деца на Западен Балкан и понатаму е во пораст и покрај бројните законодавни и практични мерки преземени во претходните години, потенцирано е во Белград на регионалната конференција „Заедничко преземање мерки во криза: Заштита на децата од трговија со луѓе и експлоатација на Западен Балкан”.

 |   | 

На Конференцијата беше истакнато дека пандемијата дополнително ја зголеми ранливоста на децата, како резултат на растечката економска несигурност, невработеноста и ограничувањата на движењето.

Децата од Западен Балкан се жртви на трговија со луѓе за различни цели: сексуална експлоатација, вклучително и производство и дистрибуција на материјал за сексуална злоупотреба на деца, присилен брак, присилна работа, присилно питачење и присилна криминална активност, се наведува во соопштението од Конференцијата.

Според последните официјални извештаи од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија, повеќето од идентификуваните деца -жртви во текот на 2020 година биле девојчиња – 18 во Србија, 24 во БиХ, шест во Северна Македонија, но имало и момчиња идентификувани како жртви – шест во Србија, седум во БиХ.

Извештаите на Групата експерти на Советот на Европа за борба против трговија со луѓе (ГРЕТА) истакнуваат дека вистинскиот број на луѓе, вклучително и деца, кои се жртви на трговија со луѓе, веројатно е поголем отколку што покажуваат официјалните податоци.

Регионалната конференција е во организација на заедничката програма на Европска Унија и Советот на Европа „Хоризонтален објект за Западен Балкан и Турција 2019-2022″, на која учествуваат повеќе од 130 учесници од регионот и пошироко.