Филипче: До 15 јули ќе бидат вакцинирани сите пријавени
Денеска попладне ќе пристигнат 100 000 дози од вакцината на „Фајзер“, а наредните денови и 500 000 од кинески „Синовак“, со што ќе имаме вакцини за 300 000 луѓе.
Околу 150 000 граѓани кои досега се пријавиле, а сè уште не се вакцинирале, ќе добијат вакцина до 15 јули. Ваквиот план за темпото на имунизација го најави министерот за здравство, Венко Филипче, во очекување на 100 000 дози од вакцината на „Фајзер“ кои треба да пристигнат попладнево.
„Сите луѓе кои се пријавени, тоа се негде околу 150 000, изминатиот период од една недела околу 30 000 се веќе вакцинирани, ќе добијат термин и планот е до 15 јули сите пријавени да бидат вакцинирани. Нема да има разлика во однос на вакцината. Сите ќе бидат дистрибуирани, со тоа што ’Фајзер‘ ќе бидат во големите центри за имунизација каде има фрижидери со потребната температура на чување, а вакцините на ’Синовак‘ и таму и во другите здравствени домови зошто полесно се даваат“.-изјави Филипче.
Откако ќе се потрошат сите термини односно ќе се вакцинираат сите пријавени, пунктоивте за вакцинација ќе останат отворени за да се вакцинираат сите останати кои сакаат. За зголемување на интересот, Филипче најави и интензивирање на кампањата, но и теренска вакцинација која треба да започне кон средината на јули.
Претстојниот период ќе бидат вакцинира и наставниците и вработените во училиштата кои досега не примиле вакцина, а Филипче вели дека во пресрет на новата учебна година засега не се планира да се направи вакцината задолжителна, туку верува дека ќе се зголеми свеста не само кај просветните работници туку и кај сите граѓани и вработени во сите институции.
Земјава добила понуда за донација на вакцини и од Словачка, меѓутоа властите одбиле бидејќи како што рече министерот, во овој момент имаме доволно вакцини и не е фер да прифатиме донација, а да не ги искористиме, па да треба да ги уништуваме кога ќе им истече рокот.