Продолжува пустошењето на шумите на Јабланица
Продолжува пустошењето на боровите шуми во атарот на селото Лабуништа. И концесионерите на шумите, но и дрвокрадци од околината и Албанија ги соголија шумите на Јабланица. Активистите од Лабуништа бараат надлежните да преземат мерки во спротивно се заканија со протести и блокади.
Продолжува соголувањето на шумите на Јабланица. Концесионерите, но и дивосечачи од околните села и од Албанија потојано вршат нелегална сеча во атарот над Лабуништа. Активистите од Здружението за екологија „Натура лаб“ загрижени, велат пустошењето на буковите шуми не застанува со години, се прави голосек кои ќе предизвика поплави и свлечишта. Најголемата закана е загадување на изворите кај Горна Белица, поради што дваесетина илјади жители од околината ќе останат без вода.
–Немаме против разредување на шумата, туку сме против опустошувањето. Бараме увид оти ударно ни е водата дали има простор за сечење со што народот ке остани и без дрва и без вода.-вели Алим Салоски претседател на „Натура лаб“ од Лабуништа.
Лабуништани бараат инспекторатот за шумарство и шумската полиција да направат увид и засилени контроли на терен, за да се спречи масакарот на шумите на Јабланица.
–Да дојдат од Скопје да видат на терен дали е тоа регуларна сеча, ние како што гледаме тоа е масакр. Токму кај што треба да носиме вода за во новиот басен тука се сечи пробивање на нови патишта на 2000 метри надморска височина шумата се пустоши тоа е катастрофа.-изјави Едис Мемишоски активист од Здружението „Натуралаб“.
Полицијата во неколку наврати одзеде голема количина дрвна маса, која нелегално се транспортирала од планинскиот појас на патот Струга-Дебар. При секоја заплена на дрвокрадците им се одземаат коњи, џипови, камиони, алатот за сеча и огревното дрво. Доколку продолжи нерегуларната сеча на шумите лабуништани се заканија со протести и блокади.
Новинар: Соња Рилковска