Издавачите на педалинки да ги почитуваат прописите
Педалинките како пловни објекти не се регулирани со Законот за внатрешна пловидба. Издавачите мора да ги почитуваат важечките прописи за висок степен на безбедност на вода на лицата кои ги изнајмуваат. Најчести интервенции на спасителите на вода биле на давеници од педалинки.
Педалинките како пловни објекти не се регулирани со Законот за внатрешна пловидба. Овие пловни објекти имаат статус како велосипедите на улица. Лицата кои издаваат педалинки мора да ги почитуваат важечките прописи за безбедноста на лицата кои ги изнајмуваат, вели Сашо Точков, претседателот на ОО ЦК во чии рамки функционира службата за спасување на вода.
„Укажуваме на оние кои издаваат педалинки да го прават тоа според законските нормативи. Педалинките да не ги издаваат на лица кои се малолетни лица, кои не знаат да пливаат, да воспостават комуникација со изнајмувачите, да ги издаваат на лица за колку што е предвидено дека собира педалинката, а не да се качуваат по 6-7 лица.“
Педалинките не може да се регистрираат и за нив не се бара технички преглед. Заради тоа огромна е одговорноста при изнајмувањето на педалинките.
„Издавачите на педалинките и останатите пловни објекти да водат сметка да изнајмуваат исправни пловила и реквизити на вода. Најчести интервенции на спасителите на вода биле на давеници од педалинки“.
За среќа, на охридско-струшкото крајбрежје досега, како и минатата летна сезона, нема сериозни инциденти со педалинки или други реквизити за забава на вода. Со закон не се регулирани ниту кануата и штиците за едрење.