Мерко негира дека нелегално гради 5 викендици во Ливадиште
Алијанса на Албанците го обвинува градоначалникот Рамиз Мерко за нелегална градба на 5 викендички во автокампот Ливадиште во струшко Радожда. Мерко негира, негираат и од компанијата Елем турс, која стопанисува со автокампот.
Алијанса на Албанците обвинува за изградба на пет викендички во авто кампот Ливадиште, во струшкото село Радожда. Од партијата тврдат дека објектите се градат од страна на градоначалникот на Струга и неговите блиски, на земјиште во сопственост на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
-Овој нов криминал во урбанизмот и животната средина се случува само после една недела откако ДУИ го објави своето ребрендирање во зелена партија. Ја повикувам јавно Владата на Северна Македонија веднаш да ја запре оваа нелегална градба,а инспекторатот и обвинителството да преземат мерки.-повика Зијадин Села.
Струшкиот градоначалник Мерко негира, вели обвинувањата од Алијанса се потполно неточни.
–Опозицијата има право да критикува и да измислува ние не паѓаме под такви измислувања, а во сабота ќе се уверите сите.-рече градоначалникот Рамиз Мерко.
На обвинувањата одговорија и од Елем Турс, компанијата која стопанисува со автокампот Ливадиште и тие тврдат дека нема бетонски градби.
–Елем Турс со актуелните кампери, обновува Договори за закуп на приколка и/или Договори за годишен закуп на простор за поставување на сопствени објекти – приколки. Доколку има заинтересирани лица за закуп се склучуваат нови договори. Тоа значи дека не се работи за тврда градба, туку за привремен објект кој се поставува во закупениот простор додека трае договорот од една година.-пишуваат од Елем.
Од Елем турс појаснуваат дека пред поставувањето на сопствената приколка, закупците се должни да постават бетонски базамент од 10 см, со цел заштита на приколките од временски неприлики.
Новинар : Соња Рилковска