Skip to main content

На охридскиот аеродром се очекува првиот лет со Холандски туристи

Најбројни посетители се гостите од регионот и домашните гости. На езерскито брег се одмараат и  Полските туристи, а од 19 јули  се очекуваат и првите Холандски гости. На туристичкиот сектор му е потребно реорганизирање и прилагодување на новите состојби, вели  првиот човек на  Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

 |  Валентина Неловска  | 

Во ек е туристичката сезона на охридско- струшкото крајбрежје. Во Охрид летуваат најмногу гости од регионот, како што беа и најавите од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, информира нејзиниот директор Љупчо Јанески. Градот и крајбрежјето се посетени од домашните,но и од Полските гости кои доаѓаат со чартер летови. Од наредната недела, на 19 јули, се очекува на охридскиот аеродром да пристигне и првиот лет со Холандски гости оваа туристичка сезона.

„Очекувам како што се најавите доколку остане оваа стапка на заразеност кај нас и одредените мерки кои ги има Холандската влада, до септември да имаме Холандски туристи, не во број како во 2019 година , но во поголем број од 2020. Исто така, Полските туристи и новите авио линии Охрид – Катовице и Охрид-Варшава ќе обезбедат поголем број на туристи од колку во 2020“.

Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот нагласува дека туристичката посетеност на ривиерава не треба да се споредува со 2020 година туку треба да извлечеме поука што да подобриме во нашиот туристички сектор и да ги елиминираме нашите слабости за што поуспешна сезона. Јанески ја побива како неточна пласираната информација во јавноста дека домашните гости ќе ја спасуваат и оваа сезона како минатото лето. Напоменува, доколку се направи  ретроспектива во 2019 година од 1,2 милиони туристи кои престојувале, 32 проценти биле домашни, а 68 странски туристи, но домашните гости генерирале 51 посто од ноќевањата, .

„Не, домашните туристи нема да ја спасуваат оваа сезона, домашните туристи секогаш биле со над 50 проценти од реализираните ноќевања. Ние треба да создадеме дестинација каде што странските туристи нема да остануваат 2 дена туку 4-5 дена, со аранжмани од 3, 5 и 7 дена од повеќе дестинации“.

Јанески напоменува дека туристичкиот сектор треба да се прилагоди на новите состојби, да понуди пократки патувања во природа и нови атракции кон други целни групи на луѓе. Се помалку ќе треба да зависиме од големите тур оператори и да создаваме нови контакти со нови пазари.

Според Стратешкиот план на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот за 2021 година се очекува да се реализираат нешто повеќе од 2 милиони ноќевања или 20 до 30 посто зголемување на туристите од странство во однос на минатото лето.