Skip to main content

Со вакцината на луѓето не им се инјектира отров

На луѓето со вакцинацијата не им се инјектира отров, затоа што спајк протенот по вакцинацијата не е ист со виралниот и се содржи во исклучително мали дози кои брзо по вакцинацијата се чистат од телото.

 |   | 

На луѓето со вакцинацијата не им се инјектира отров, затоа што спајк протенот по вакцинацијата не е ист со виралниот и се содржи во исклучително мали дози кои брзо по вакцинацијата се чистат од телото. Спајк протеинот што се создава во организмот по вакцинацијата не е ист со оној на коронавирусот. А, дури и кога би бил ист, тој е во многу, многу помали дози отколку оној на коронавирусот. Студијата што ја цитира доктор Бирам Бридл во своето контроверзно интервју, кое се споделува на Фејсбук, е спроведена на глувци, а не на луѓе. Иако Бридл се обидува да дезинформира дека експериментите во студијата мереле концентрација и акумулација на спајк протеин, тие, всушност, мереле концентрација на липидни честички!

Во постот што го рецензираме објавен на Фејсбук, споделен е видеоматеријал, односно интервју од канадскиот лекар Бирам Бридл, во кое се изнесени дезинформации. За ликот и делото на доктор Бридл веќе е пишувано во лекарските кругови, дека и самиот добил финансиски средства да направи вакцина. Таа вакцина е на мРНА технологија, истата технологија што во видеото кое го рецензираме, тој ја критикува. Па, токму затоа на интернет се изнесени сомнежи дека причината за интервјуто на Бридл во кое што тој говори (со куп дезинформации) за спајк протеинот, кој се создава (организмот го создава) со инјектирање на мРНА вакцина во организмот, е ривалство, затоа што и тој самиот ќе учествува во создавање вакцина. Повеќе на оваа тема може да се прочитајте тука.

Што се однесува на постот, во него се тврди следното:

Колку човечки животи ќе чини грешката? Погрешивме. До сега тоа не сме го знаеле. Мислевме дека шилестиот протеин е одлична цел антиген, но шилестиот протеин е отров и патоген протеин за човекот. Значи со вакцинација на луѓето им инјектиравме отров.

Во интервјуто во видеото во склоп на овој пост, Бридл тврди дека побарал студија од Јапонија, во која што било јасно дека откако мРНА вакцината ќе се инјектира во телото, таа не останува во мускулот на рамото, туку влегува во крвотокот на вакцинираните и потоа се создаваат тромбови и крварења од тоа. Нашата проверка на ова тврдење покажа дека станува збор за дезинформација.

Што всушност се случува?

Коронавирусот има спајк протеин на површината. Тој спајк протеин му дозволува да го инфицира вашето тело. Со мРНА вакцината, клетките од телото на вакцинираниот треба да создадат спајк протеин против кој имунолошкиот систем ќе се бори и ќе создаде имунитет. Тоа е теоријата позади вакцината.

Меѓутоа, Бридл тврди дека овој спајк протеин што се создава по вакцинацијата, е одговорен за штетата во кардиоваскуларниот систем ако влезе во крвта и циркулацијата.

Кога ќе го вбризгувате спајк протеинот во животни за тестирање, тие добиваат компликации и проблеми и тој протеин може да продре до мозокот и да го оштети. Тоа навидум не е никаков проблем, зашто ние ја инјектираме вакцината против ковид во мускулот од рамото. Претпоставката досега беше дека овие вакцини се однесуваат како и сите други традиционални вакцини. Не одат никаде и остануваат во рамото, а некои од протеините ќе одат во лимфната жлезда да го активираат имуниот систем. Тука станува страшно. Со барање на информации од јапонската регулаторна агенција добивме пристап до биодистрибутивна студија. Првпат научниците видоа каде одат мРНК вакцините после вакцинација. Дали е безбедна претпоставка дека останува во мускулот на рамото? Краткиот одговор е – не. Спајк протеинот циркулира во крвта на индивидуите неколку дена по вакцинација, кога ќе стигне во циркулацијата се акумулира на повеќе ткива како слезинката, коскената срцевина, црниот дроб, во високи концентрации се акумулира на јајниците. Во публикација, штотуку прифатена за објавување, се кажува дека кај 13 вакцинирани млади здравствени работници со Модерна, во нивната крв и циркулација е најден спајк протеинот.

Долго време знаевме дека спајк протеинот е токсин што е штетен и може да предизвика штета ако влезе во циркулацијата. Сега имаме докази дека вакцините што прават нашето тело да произведе спајк протеин, односно вакцината и протеинот потоа влегува во циркулација. Тој спајк протеин потоа се врзува за клетките и може да предизвика тромбови или крварење, вели Бридл во своето излагање.

Ова тврдење е дезинформација од две причини. Прво, спајк протеинот што се создава во организмот по вакцинацијата не е ист со оној на коронавирусот. Второ, дури и кога би бил ист, тој е во многу, многу помали дози отколку оној на коронавирусот.

Повеќе медицински експерти го демантираат доктор Бирам Бридл

Професорот на Медицинскиот факултет и поранешен министер за здравство, доктор Драган Даниловски за „Вистиномер“ објасни дека воопшто преку вакцината не влегува материјален ентитет, односно спајк протеин во организмот.

Инструкцијата за неговото производство во форма на мРНК, доаѓа само во цитоплазмата односно рибозомот, а не во јадрото на нашите клетки. И тој спајк протеин што ќе го произведе клетката, (рибозомот, т.н. фабрика за протеини), воопшто не е ист со оној на вирусот. Автоматски не ги поседува ниту својствата на оригиналниот спајк протеин. Тој само „личи“ на оригиналниот и има само антигено својство – да провоцира имун одговор. Дури и кога би бил сосема идентичен со оригиналниот спајк протеин (а не е), овој што се произведува со давање на вакцината е во 100.000 пати помала концентрација од онаа што ја произведува вирусот самиот, потребна да направи штета, вели професор Даниловски.

Освен тоа, сите податоци за кои Бридл тврди дека ги открил од јапонска регулаторна агенција, се јавно достапни со месеци! Целата студија е објавена овде. Истата студија е цитирана дури и од ЕМА Европската агенција за лекови во февруари! Не постојат peer reviewed научни студии коишто ги поддржуваат тврдењата на Бридл.

Бридл во видеото, исто така, тврди, дека постои ризик за доенчињата ако мајка им се вакцинира, зашто спајк протеинот можел да влезе во нивното тело преку мајчиното млеко. Но, оваа студија од 2021 година покажува дека вакцината не се пренесува преку мајчино млеко. И оваа студија, исто така, од 2021 година, покажува дека вакцината не се пренесува во мајчиното млеко и дека вакцинираните жени не продуцирале имун одговор на протеините присутни во раните фази на бременоста. И, да биде ситуацијата уште појасна, Академијата за медицина за доење, не препорачува жените што се вакцинирани да престанат да ги дојат своите бебиња.

Освен тоа, постои сериозна разлика меѓу спајк протеинот на коронавирусот и спајк протеинот што се создава во телото по вакцинацијата, и квалитативно и квантитативно.

Едвард Ниренберг демонстрира дека количеството на спајк протеин продуциран од вашите клетки по вакцинација, е 100 илјади пати помал отколку нивото на спајк протеинот на вирусот!!!

Со него се согласува и доктор Ури Манор, кој ја потврдува безбедноста на мРНК вакцините. И владата на Канада објаснува дека мРНК вакцините не се опасни и дека спајк протеините создадени по вакцинацијата нудат двојно ниво на заштита.

Студијата што ја цитира докторот Бридл во своето контроверзно интервју, е спроведена на глувци, а не на луѓе. Иако Бридл се обидува да дезинформира дека експериментите во студијата мереле концентрација и акумулација на спајк протеин, тие всушност мереле концентрација на липидни честички!

Спајк протенот што вашите клетки го продуцираат по вакцинацијата не е ист како спајк протеинот на вакцините. Тој беше модифициран за да остане закачен на површината на клетките (за да не циркулира слободно низ крвотокот) и беше дополнително ИНАКТИВИРАН за да се спречи и дополнително неговото врзување со АCE2 рецепторите. Плус, концентрацијата на спајк протеин креиран од вашите клетки е 100 илјади пати помала отколку концентрацијата на вирусниот спајк протеин којшто предизвикува штети.

Слични сознанија изнесоа и проверувачите на факти на USA Today.

 

Имено, за време на интервјуто кое е цитирано во постот што го рецензираме, доктор Бридл цитираше две нешта: студија која што била прифатена за рецензија во медицинскиот журнал Клинички инфективни болести, и документ за фајзеровата коронавирус вакцина. Но, ниту еден од овие извори не го поткрепуваат во неговите тврдења.

Бридл тврди во интервјуто дека студија покажала оти спајк протеините продуцирани по ковид вакцинацијата може да останат во крвотокот и да предизвикаат кардиоваскуларни штети. Авторот на таа студија го тврди спротивното.

Оваа студија мерела протеини во плазмата на 13 учесници кои примиле две дози на вакцината од Модерна. Студијата открила дека спајк протенинот бил детектиран во 3 од 13 учесници просечно 15 дена по првата доза. Но, овие резултати не кажуваат дека ковид вакцините се опасни туку дека функционираат онака како што се дизајнирани. Хипотезата на авторите е дека ова може да е поради реакцијата на имуниот систем. За време на овој процес, т клетките ги убиваат другите клетки кои го презентираат спајк протеинот, формирајќи дополнително испуштање на спајк во крвотокот, пишува реномираниот американски весник.

Тој погрешно ги интерпретира нашите резултати. Нашата студија едноставно валидираше дека мРНА вакцината е пренесена во протеинот за кој што е дизајнирана да го енкодира. Бидејќи нашиот метод е 100 до 1000 пати поосетлив од другите, детектиравме многу ниски концентрации на протеинот кај повеќето вакцинирани индивидуи. Иако е точно дека спајк протеинот има потенцијал да создаде негативни ефекти, знаеме со сигурност дека не ги создава тие негативни ефекти и неговото ниво е исклучително ниско во крвта, сугерирајќи дека ова не треба да предизвикува загриженост, вели Дејвид Валт, професор на медицинското училиште на Харвард, и коавтор на студијата, за USA Today.

И компанијата „Фајзер“ тврди дека студијата не е ,,откриена” туку е јавно достапна.

Документот е чест технички документ, којшто е дел од поднесувањето на нашите податоци за преглед. Документот е за фармакокинетичките согледувања откриени во лабораториски услови и може да потврдиме дека не е за спајк протеин од вакцините кој предизвикува опасни токсини кои се таложат во телото.

И самите колеги на Бридл од универзитетот каде работи, велат дека неговите тврдења се погрешни.

Крајниот заклучок е дека вакцината содржи изменет протеин кој е дизајниран за да превенира целосна активација и циркулира краток период на нивоа кои се многу пониски од оние што би биле загрижувачки, изјави В Глен Пејл, професор на одделот за биомедиицнски науки.

Поради сите овие опсежни излагања на медицински професионалци, овој пост го оценуваме како дезинформација. На луѓето со вакцинацијата не им се инјектира отров, затоа што спајк протенот по вакцинацијата не е ист со виралниот и се содржи во исклучително мали дози кои брзо по вакцинацијата се чистат од телото.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар.