Вакцинацијата се одвива со добро темпо
45,4 % од населението е опфатот на имунизацијата против Ковид во Охрид. Во Струга процентот на вакцинирани граѓани е скоро двојно помал. На ниво на државава, заклучно со 1 август, со една доза на вакцина против Ковид 19 вакцинирани се 31% од населението над 18 годишна возраст, соопштија од Министерството за здравство.
Од денеска, започна теренската ревакцинација против COVID-19 во руралните средини од охридскиот регион и општина Дебрца. Тимовите на охридскиот Здравствен дом ќе ги посетуваат селата по истиот распоред како и за првата доза. Ревакцинацијата ќе започне во Подмоље, Оровник, Горенци, Требеништа и Волино. Во општина Дебрца ревакцинацијата ќе се врши во објекти на општината и основните училишта.
Од ресорното министерство велат дека вакцинацијата се одвива со добро темпо на територијата на целата држава. Заклучно со 1 август, со една доза на вакцина против Ковид 19 вакцинирани се 31% од населението над 18 годишна возраст. Кај лицата над 50 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 50,6%, кај лицата над 60 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 61,2%, додека кај лицата над 70 години изнесува 64,9%.
Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани, по главниот град Скопје – 159.514, има во Битола – 35.067 со примена прва доза и во Тетово вкупно 31.007 граѓани. Куманово, Прилеп и Охрид имаат помеѓу 20.000-25.000 вакцинирани граѓани со прва доза, а помеѓу 15.000-20.000 граѓани се вакцинирани досега во градовите Велес, Кавадарци, Струмица, Гостивар и Штип, додека пак во Кочани и Струга вакцинирани се нешто повеќе од 10.000 граѓани.
Во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Процесот на вакцинација со домашна посета се одвива непречено и навремено според заинтересираноста на граѓаните за оваа услуга. Вакцини има доволно и истите се достапни за сите кои сакаат да се вакцинираат, соопштија од МЗ. Оттаму апелираат на што поголема заинтересираност и во периодот што следува со цел да се спречи есенски бран на делта сојот.